• понеделник, 23 декември 2024

РСЕ: Лајчак во Приштина на средба со косовскиот вицепремиер

РСЕ: Лајчак во Приштина на средба со косовскиот вицепремиер

Приштина, 25 јануари 2023 (МИА) - Постојаниот претставник на Европската Унија за дијалогот Косово-Србија Мирослав Лајчак пристигна вечерва во Приштина, каде се очекува да оствари средба со вицепремиерот на Косово, Бесник Бислими. Ова за Радио Слободна Европа на албански јазик го потврди советникот на вицепремиерот одговорен за медиуми, Клисман Кадиу. Тој рече дека Лајчак и Бислими ќе се сретнат на работна вечера.

РСЕ во текот на денот извести дека Лајчак ќе биде во Приштина во вечерните часови на 25 јануари.

Владата на Косово претходно информираше дека не било доставено никакво барање за средба помеѓу Лајчак и премиерот на Косово Албин Курти.

РСЕ посочува дека во последно време постои притисок врз косовскиот премиер да го прифати планот на ЕУ, поддржан од Соединетите Американски Држави, за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград. Предлогот на ЕУ, кој во јавноста е познат и како француско-германски план, беше доставен до властите во Приштина и Белград на крајот на минатото лето.

Официјални лица во Приштина претходно изјавија дека предлогот претставува добра основа за продолжување на дијалогот со Србија, а од Белград рекоа дека не е прифатлив бидејќи подразбира признавање на независноста на Косово.

Сепак, по посетата на петчлената европско-американска делегација на Приштина и Белград на 20 јануари, која имаше за цел да разговара за планот, претставниците на дипломатскиот тим им рекоа на новинарите дека од косовскиот премиер очекувале „подобро разбирање“ за европскиот предлог. Од друга страна, српскиот претседател Александар Вучиќ навести можно прифаќање на планот, истакнувајќи дека во спротивно ќе биде запрена евроинтеграцијата на Србија, а инвестициите ќе бидат повлечени. сх/ссм/

Остани поврзан