РСБСП до мотоциклистите: Заради ваша безбедност – носете заштитна опрема
- Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира до сите возачи на мотоцикли и мопеди задолжително да носат заштитна опрема и да ги почитуваат сообраќајните правил
Скопје, 25 август 2021 (МИА) - Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира до сите возачи на мотоцикли и мопеди задолжително да носат заштитна опрема и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел да се избегнат несакани последици и пред сè да се заштитат самите себе.
РСБСП информира дека возачите на мотоцикли кои учествуваат во сообраќајни незгоди често завршуваат со лесни или тешки последици, а и процентот на смртни случаи е вознемирувачки висок.
-Поради нивната директна изложеност кон надворешната околина, веројатноста од смртни случаи при сообраќајни незгоди со мотоцикли и мопеди е повеќепати поголема во однос на сообраќајните незгоди во кои учествуваат останатите моторни возила затоа од огромно значење e носењето на заштитна опрема и токму таа ја прави разликата меѓу живот или смрт, се вели во соопштението.
Според студиите, во случај на сообраќајна незгода најподложни на повреди се главата, нозете и рацете на возачот на мотоцикл. Согласно тоа, од исклучителна важност е носењето на заштитна опрема како што се: кациги, заштитни пантолони, јакни, обувки, ракавици, очила и друго.
Од РСБСП посочуваат дека носењето на заштитна опрема и облека, не само што штити и спречува телесни повреди, туку и служи да ги засолни мотоциклистите од надворешни влијанија, како што се: силна сончева светлина, ветрови, дождови, или пак инсекти и ситни камења исфрлени во воздухот од тркалата на други возачи непосредно пред нив. Заштитната опрема, честопати е и рефлектирачка, што ја зголемува видливоста на мотоциклистот кај другите учесници во сообраќајот со што дополнително се намалува ризикот од сообраќајна незгода. мд/са/