• понеделник, 23 декември 2024

Рохани: Бахреин и Емиратите ќе бидат единствените одговорни за последиците од договорот со Израел

Рохани: Бахреин и Емиратите ќе бидат единствените одговорни за последиците од договорот со Израел
Техеран, 16 септември 2020 (МИА) - Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека Бахреин и Обединетите Арапски Емирати ќе бидат единствените „одговорни за сериозните последици“ од нормализацијата на нивните односи со Израел. Во телевизискиот говор ден по потпишувањето на договорот за нормализирање на односите меѓу Израел и двете земји од Персискиот залив, со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп, Рохани всушност не ги спомна по име овие арапски земји од Заливот. Тој критикуваше „одредени земји во регионот“, чии „лидери не разбираат ништо од религијата и го игнорираат нивниот долг кон палестинската нација“, прашувајќи како можат да се приближат до Израел. На почетокот на септември, иранскиот врховен лидер Али Хамнеи ги обвини Емиратите за „предавство на муслиманскиот свет, арапските земји, земјите од регионот и Палестина“, согласувајќи се да ги нормализираат нивните односи со еврејската држава. Во саботата, иранското Министерство за надворешни работи ја обвини монархијата на Бахреин дека е „соучесник во злосторствата на ционистичкиот режим“. Емиратите и Бахреин се третата и четвртата арапска земја што воспоставија дипломатски односи со Израел по Јордан во 1994 година и Египет во 1979 година. Од исламската револуција во 1979 година, Иран не пропушти можност да ја повтори својата заложба за одбрана на палестинските цели. паг/  

Остани поврзан