• вторник, 24 декември 2024

Ромите за Демократија со иницијатива „Добро за жените Ромки, Добро за Собранието на РСМ“

Ромите за Демократија со иницијатива „Добро за жените Ромки, Добро за Собранието на РСМ“

Скопје, 11 март 2024 (МИА) - Фондацијата „Ромите за Демократија“ поднесоа иницијатива до пратениците „Добро за жените Ромки, Добро за Собранието на РСМ“. Целта е да се унапреди демократското учество на Ромите во општеството, да се промовираат фер и демократски избори и да се зајакнат гласачите Роми. 

Како што информираат од фондацијата со оваа иницијатива и низ дебата, Фондацијата Ромите за Демократија го презентирала своето фундаментално дејствување за зајакнување и вклучување на жената Ромка во јавниот и политичкиот живот.

-И покрај повеќе од три децении повеќепартиски систем и декларативни заложби за учество на малцинските групи во јавната и политичка сфера, условите за вклучување на приближно 50.000 жени Ромки не се воспоставени и покрај потенцијалот и квалитетот кој се поседува. Ова недоволно искористување на нивниот потенцијал доведува до поголема маргинализација и го попречува развојот на демократското владеење, се наведува во Иницијативата „Добро за жените Ромки, Добро за Собранието на РСМ“.

Од Фондацијата посочуваат дека со реализација на практикантската работа и вработување на жените Ромки во Собранието, ќе се решел диспаритетот и ќе се поттикнела поинклузивна демократија.

-Од Собранието бараме да се отвори можност за практикантска работа на најмалку 100 жени Ромки во различни административни и специјализирани единици за наредните 10 години, да се понуди сеопфатен циклус на обука, менторство и поддршка на практикантките за да ги подобрат своите вештини и да бидат подготвени за успешни кариери во парламентарниот екосистем. По завршување на програмата за практикантство, да се воспостават јасни законски, институционални и финансиски предуслови за практикантките со најдобри резултати до транзиција за постојано вработување во Собраниетои да се обезбеди поддршка од меѓународната заедница за промоција на демократското и инклузивното управување, истакнала извршната директорка на Фондацијата Ромите за Демократија, Селвија Мустафи Алкан.

Според Бојан Василевски, заменик генерален секретар на Собранието на РСМ, овој настан има големо значење за овозможувањето на поинклузивно и порамноправно општество. Тој како што се посочува во соопштението бил уверен дека преку солидарност и соработка може да се изврши позитивна промена.

Фикрија Таир – Селмани, надворешна соработничка во Кабинетот на Претседателот на РСМ, говорела за искуствата, предизвиците и можностите на жените Ромки во државните и јавнит еинституции.

Таа рекла дека и покрај подготвеноста за придонес во политичко-општествените процеси на државата, сепак можностите покажуваат далеку од скромни резултати.

Арабела Илјаз, претставничка на Ромски Образовен Фонд, оценила дека оваа иницијатива ќе има долгорочни последици за развојот на ромската заедница.

Од фондацијата информираат дека според статистиката, стапката на жени Ромки во формалното образование било само 8 отсто и дека жените Ромки се маргинализирани на пазарот на трудот. свс/аа/

Фото: Фондација „Ромите за Демократија“

Остани поврзан