• петок, 05 декември 2025

Романскиот премиер најави мерки за намалување на буџетскиот дефицит и нови даночни политики

Романскиот премиер најави мерки за намалување на буџетскиот дефицит и нови даночни политики

Букурешт, 27 јуни 2025 (МИА) – Романскиот премиер Илие Боложан на прес-конференција најави серија мерки за намалување на буџетскиот дефицит, кој минатата година достигна дури 9,3 отсто од БДП.

- Романија има најниски приходи во Европа во однос на БДП, а троши повеќе отколку што може да си дозволи, изјави Боложан, додавајќи дека е неопходна итна и долгорочна фискална реформа.

Според него, во новиот пакет мерки што ќе биде донесен следната недела, ќе има само две стапки на ДДВ наместо три, ќе се зголемат акцизите за алкохол и горива, а дополнително ќе се оданочат капиталот, банките и игрите на среќа.

Боложан, поранешен градоначалник на Орадеа, даде пример со локалната полиција во неговиот град каде наместо 200 полицајци има под 80, без зголемена криминална активност. Според него, потребна е рационализација на бројот на вработени во администрацијата.

Најави и зголемување на данокот на имот за физички лица, кој ќе се пресметува според пазарната вредност, како и можност за повисок данок на дивиденда од 2026 година.

Премиерот на Романија истакна и дека државата нема капацитет да го одржува сегашното ниво на стипендии за студентите, што веќе предизвика протести. - Мора да ја зголемиме наплатата на даноците и да ги елиминираме исклучоците, рече тој.

Во однос на европските фондови, Боложан објави дека се водат преговори со Европската комисија за проекти во рамки на Планот за опоравување, за да не се загубат средства поради доцнење.

Минатиот месец, Европската комисија ја задржа исплатата на 869 милиони евра од третата транша поради неисполнување на три клучни обврски. ссм/

фото: архива

Остани поврзан