• понеделник, 23 декември 2024

Романската амбасада со донација за гинеколошкото одделение од кумановската болница

Романската амбасада со донација за гинеколошкото одделение од кумановската болница

Куманово, 31 јули 2024 (МИА) - Романската амбасада донираше гинеколошка сонда за потребите на пациентките од гинеколошкото одделение од кумановската општа болница. Надлежните од јавната здравствена установа се задоволни од донацијата и на денешната прес-конференција кажаа дека сондата е неопходна за рана детекција на тумори, но и прегледи на бремените во првите три месеци од бременоста.

-Денеска примивме помош од романската амбасада наменет за гинеколошкото одделение од кумановската болница. Станува збор за гинеколошка сонда, апарат неопходен за пациентките. Помош доаѓа во вистинско време, бидејќи постоечката беше во дефект. Донацијата е подготвувана од претходниот состав на болницата, изјави директорот на општа болница Куманово, д-р Стефан Трајановски.

Амбасадорката на Романија Адела Моника Аксинете и директорот на болницата, Трајановски најавија и идна меѓусебна соработка.

-Многу ми е драго што Романија може да придонесе преку оваа мала, но значајна донација за поефикасно функционирање на гинеколошкиот оддел во кумановската болница. Се надеваме дека ќе се спасат животи и ќе се подобри детекцијата. Донацијата е овозможена преку романската агенција за меѓународна соработка и ова е конкретен пример на добрата соработка помеѓу двете земји. Подготвени сме и со задоволство ја очекуваме идната соработка со кумановската болница, кажа амбасадорката

Докторката од гинеколошкиот оддел, Софија Трајковиќ информираше дека е зголемен обемот на работа на болницата. 

-Со сондата сега ќе бидеме во можност да правиме скрининг во првиот триместар кај бремените жени, додека за гинеколошките случаи, сондата се користи за рана детекција на тумори на јајници и на тумори на мала карлица. Од големо значење е за нас, изјави Трајковиќ.

Кумановската болница е една од најголемите во државата и нуди здравствена заштита за приближно 200.000 пациенти од североисточниот регион. Болницата е на влезот од државата, на крстосница помеѓу двата коридори 8 и 10. ам/ир


Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан