• вторник, 24 декември 2024

Романот „Зошто" од Стерјо Спасе објавен на англиски јазик

Романот „Зошто

Тирана, 10 октомври 2023 (МИА) - Романот „Зошто“ од познатиот македонски писател во Албанија, Стерјо Спасе излезе од печат и на англиски јазик, во превод на Моника Стафа.


- Спасе останува еден од најпознатите прозаисти во албанската литература од почетокот и средината на 20. век. Со неговиот роман „Зошто" го најавил создавањето на современата литература во Албанија, јави Топ чанел во емисијата  „Витрина на книги".

Емисијата е една  од најпопуларните на албанските екрани од областа на културата,  презентирајќи некои од најубавите книги.

Посветува  простор на големите имиња на светската и албанската литература, промоција на нови автори, со што ги поттикнува новите таленти да се истакнат со своите инспирации. 

Стерјо Спасе, роден е во село Глобочени, Мала Преспа во 1914, а починал во Тирана во 1989 година. Тој е познат писател со македонско потекло и е еден од основоположниците и најзначајните претставници на современата албанска литература. Познат е и како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби во Мала Преспа. Покрај во Албанија, се школувал на Универзитетот Флоренца во Италија, додека магистрирал во тогашниот СССР. Автор е на петнаесеттина романи и многу раскази. Негово најпознато книжевно дело е токму  романот „Зошто" кој е напишан во вид на дневник и се фокусира на една трагична дилема на млад интелектуалец на село. 

И неговиот син Илинден Спасе, универзитетски професор во пензија, пишува на албански и на македонски јазик. Автор е на повеќе збирки раскази. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Синот на Илинден, Аријан Спасе е дипломат од кариера.

Албанскиот претседател Илир Мета, пред четири години, постхумно го одликува со признанието „Витез на редот на знамето”. Тогаш Мета рече дека неговиот познат роман „Зошто” го најавил создавањето на современа литература во Албанија, додавајќи дека Стерјо Спасе е значајна личност не само во Албанија туку на Балканот и Европа. 

Во селото Глобочани, старото училиште во кое учел и тој, беше реконстрирано и од март минатата година функционира како  Музеј на Стерјо Спасе, кој е се попосетуван од туристи. вт/лв/

 

 

Остани поврзан