• четврток, 26 декември 2024

Романија: Руски ракети го преминале воздушниот простор на Молдавија

Романија: Руски ракети го преминале воздушниот простор на Молдавија
Букурешт, 10 октомври 2022 (МИА) - Радарите на романското воено воздухопловство утринава ги детектирале трите руски ракети кои го преминале воздушниот простор на Република Молдавија, соопшти денеска Министерството за одбрана, прецизирајќи дека тие не претставуваат никаква опасност за Романија, пренесува телевизија Диги 24. Радарите на воздухопловните сили го следеле летот на ракетите еден час и утврдиле дека тие биле истрелани од западниот дел на полуостровот Крим, се вели во соопштението на Министерството. „Структурите на Генералштабот на воздухопловните сили, извршувајќи постојана борбена должност за следење на романскиот воздушен простор, денеска, во периодот од 08:05 до 9:09 часот, пресретнале три воздушни цели кои минувале во воздушниот простор над северозападниот басен на Црното Море до воздушниот простор на Украина (региони Одеса и Виница). Воздушните цели летаа и над воздушниот простор на Република Молдавија. Анализата на траекториите и параметрите на летот покажа дека воздушните цели најверојатно биле крстосувачки ракети истрелани од море или копнени платформи во западниот дел на полуостровот Крим“, соопшти Министерството. Во соопштението се истакнува и дека „предметните воздушни цели не претставувале опасност за територијата на Романија или за безбедноста на романскиот и НАТО воздушниот сообраќај“. „Радарите на романските воздухопловни сили се дел од националниот систем за команда и контрола на Романија и НАТО и обезбедуваат информации и рано предупредување за воените и политичките лидери во Романија и Алијансата, се додава во соопштението. „Раководството на Министерството за национална одбрана најостро ја осудува агресивната војна на Руската Федерација против Украина, изразувајќи целосна поддршка за суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на соседната земја. Денешните брутални акции насочени против густо населените цивилни области сериозно ги прекршуваат сите норми на меѓународното хуманитарно право, вклучително и Повелбата на ОН“, се наведува во документот. Молдавија соопшти дека три крстосувачки ракети истрелани од Русија против Украина денеска го нарушиле воздушниот простор на Молдавија. паг/  

Остани поврзан