• среда, 25 декември 2024

Рокери критикувачи на Путин, притворени во Тајланд, бараат помош од УНХЦР

Рокери критикувачи на Путин, притворени во Тајланд, бараат помош од УНХЦР

Бангкок, 31 јануари 2024 (МИА) - Член на рок-бендот „Би-2“ од Русија којшто е критички настроен кон руските воени походи во Украина, е депортиран од Тајланд во трета земја, а другите можат да побараат помош од УНХЦР, или ако имаат двојно државјанство, можат да бараат да отидат во друга земја, изјави началникот на тајландската полиција за имиграција, Пол Мај Ген Пантама Нутнарот.

Рокерите од минатиот четврток се во имиграциски затвор во Тајланд, и стравуваа дека може да бидат депортирани во матичната земја, потсетува порталот „Каосод“ (Khaosod).

Прогресивниот рок-состав на Фејсбук претходно објави дека има податоци дека интервенцијата на руските дипломати довела до попречување на префрлањето на седумтемина Руси во Израел, иако билетите за патувањето веќе биле купени. Меѓу приведените музичари има и руски државјани, како и двојни државјани на Русија и на други земји, на пр. Израел и Австралија.

Руските медиуми јавуваат дека рокерите одбиле да се сретнат со рускиот конзул.

- Тајландските власти треба веднаш да ги ослободат приведените членови на Би-2 и да ги пуштат да одат по својот пат... Во никој случај не треба да бидат депортирани во Русија каде што би можеле да бидат уапсени или да се соочат со нешто уште полошо поради нивната отворена критика на рускиот претседател Владимир Путин и руската војна во Украина, рече Елејн Пирсон, директорка на Хјуман рајтс воч за Азија.

Рускиот амбасадор во Тајланд Евгениј Томихин изјави дека руските дипломати не се одговорни за приведувањето на музичарите.

„Би-2“ има 1,01 милион претплатници на „Јутјуб“ и 376.000 слушатели на „Спотифај“ месечно.

Андреј Луговој, член на Долниот дом на рускиот Парламент, ги нарече рокерите - „ѓубриња“ поради нивните критики за руските воени операции во Украина. Инаку, Велика Британија го обвини Луговој за вмешаност во смртта на поранешниот руски шпион Александар Литвиненко, кој беше отруен во Лондон во 2006 година со радиоактивен полониум-210.  си/сд/

Фото: Фејсбук-страница на „Каосод“, јавна објава

Остани поврзан