• понеделник, 23 декември 2024

Родовиот баланс во локалните самоуправи предуслов за еднакви можности за сите

Родовиот баланс во локалните самоуправи предуслов за еднакви можности за сите
Скопје, 6 ноември 2021 (МИА) – Во изминатите шеснаесет години, улогата на градоначалничка на општина била доделена вкупно 15 пати, а истата ја играле 13 жени. Улогата на градоначалник, од друга страна, дури 398 пати ја играле мажи. На Локалните избори 2021 имаше вкупно 299 кандидати за градоначалници. Според родовата застапеност, од вкупниот број кандидати за градоначалници, 91,64 проценти беа мажи, а 8,36 отсто жени. Исходот од Локалните избори 2021 „во игра“ остави две жени, односно, градоначалнички беа избрани само во две општини на територија на Република Северна Македонија. Даниела Антоновска, магистер по родови студии со 20 годишно искуство во областа на родовата еднаквост вели дека „за да можете да бидете избрана за градоначалник, треба да бидете кандидирана“, посочувајќи го годинешниот мал процент на кандидирани жени за градоначалник. - Со текот на годините, наместо да одиме напред во поглед на родовата застапеност и родовата балансираност на листите за кандидати, ние назадуваме. Ова пред сè се должи на немањето на политичка волја и внатрепартиска демократија во самите политички партии како и непрепознавањето од страна на лидерите на политичките партии и на потесното политичко раководство, дека во своите редови имаат жени кои ги имаат истите капацитети, ресурси и потенцијали како и мажите, да бидат лидерки во една локална заедница и да можат и да бидат носителки на една ваква висока функција, вели таа. Антоновска смета дека и покрај тоа што имаме добра законска регулатива, каде што го посочи Законот за родова еднаквост, националните стратегии за родова еднаквост, најновиот Закон за еднакви можности, на кој се работи во моментов, и сите пропратни документи кои ги имаме во полето на родовата еднаквост, ние, сепак, последниве години назадуваме, пред сè во однос на немањето родов баланс на високите општествени јавни функции. Како предизвик, таа, исто така, го посочи отсуството на квоти за градоначалнички. - На листите на кандидати за градоначалници немаме квоти, споредбено со листите на кандидати за советници каде што имаме родови квоти. Првите родови квоти беа воведени во 2002 година, тогаш се воведе 30 проценти родова квота. Понатаму, со текот на развојот на изборното законодавство имаше промени, и во 2015 година се усвои и родова квота од 40 проценти. Следствено на тоа, се почитуваше и одредбата на секое трето место да биде застапен кандидатот од помалку застапениот пол, и, соодветно на тоа, ние имаме еден висок процент на жени парламентарки, имаме и повисок процент на жени кои што се членови во локалните совети, меѓутоа, токму поради ова отсуство на квотите имаме многу мал број жени за градоначалнички, посочува таа. Според неа, ние имаме добра регулатива, меѓутоа, само декларативно, додека, во пракса, состојбата е многу поразлична од она што постои на хартија. Љуљзим Хазири, извршен директор на Асоцијацијата за демократски иницијативи, вели дека исходот од Локалните избори 2021 година со избрани само две градоначалнички не е новост во нашата држава. - Во насока на свеста на политичките партии за важноста на кандидирање на жени во градоначалничките и советничките листи, Македонија и понатаму останува земја каде што политичките партии жените ги вклучуваат во политика само преку законските норми кои ги предвидуваат секој трет член да биде жена. Да не беше оваа законска обврска, мислам дека уште потешка ќе беше положбата на жените во политиката. Уште повеќе што истите не се вклучени во другите процеси на креирање на партиските политики, туку и понатаму во собирите, во контакти со граѓани, сепак преовладуваат мажите, вели Хазири. Според него, свеста на политичките партии е заостаната, до пред донесување на Законот за родова рамноправност. - Жените се свесни и зрели за да се занимаваат со политики. Друга работа е што политичките партии, локалните комитети, или, органоци на политичките партии ги водат вообичаено мажите и оттука произлегуваа таа „маскулистичка“ политика и делување. Сметам дека жените се зрели, не можеме да велиме дека жените не се за политика, тоа би било пропаст на општеството. Сметам дека имаат уште поголем интегритет од мажите во насока на политичкото дејствување, посочи Хазири. Тој го истакна примерот на eвропското општество каде eвропските власти работат и ги детерминираат родовите прашања, до буџет, до најнискиот слој на раководење на општеството, а, како што кажа, кај нас остануваат квотите како „нужно зло“. Хазири препорачува жените да бидат поактивни во нивното делување за да можат да се наметнат во, како што вели „таа нерамноправна борба со мажите“, во насока на нивното претставување на листите за советници, пратеници, раководители, министри и директорски функции. Пет локални избори и петнаесет улоги за градоначалничка Во изминатите шеснаесет години, улогата на градоначалничка на локална самоуправа била доделена вкупно 15 пати, а истата ја играле само 13 жени. На Локалните избори во 2005 година, од 85 општини, градоначалнички се избрани во три. Станува збор за Општина Крушево каде свој мандат освојува градоначалничката Лефкија Гажоска, Општина Осломеј - Саније Садику и Општина Центар, каде градоначалничка станува Виолета Аларова. Четири години подоцна, Локалните избори во 2009 година завршија со резултат од нула жени во улога на градоначалник. Во 2013 година, од 81 општина, четири градоначалнички успеваат да освојат свој мандат во локалните самоуправи и тоа во Богданци - Анастасија Олумчева, Градско - Жанета Чаушевска, Кисела Вода - Билјана Беличанец и Тетово – Теута Арифи. ‎Најмногу жени на градоначалничката функција има на Локалните избори во 2017 година, кога вкупно 7,40 проценти, односно шест, од избраните 81 градоначалници се жени. На овие Локални избори, Теута Арифи по втор пат ја добива довербата од граѓаните на Тетово, а покрај неа, жени се избрани и во Арачиново - Миликије Халими, Битола - Наташа Петровска, Македонска Каменица - Соња Стаменкова, Могила - Јасмина Гулевска и Старо Нагоричане - Жаклина Јовановска Својот втор мандат, Жаклина Јовановска го доби на годинешните Локални избори 2021, каде што заедно со Данела Арсовска, новоизбраната градоначалничка на Град Скопје, претставуваат единствените две жени на чело на две локални самоуправи во Република Северна Македонија, Старо Нагоричане и Град Скопје. Локалниот менталитет предуслов за застапеноста на жените на градоначалничките функции Како причинител на дефицитот на жени на градоначалничките функции Антоновска го посочува и локалниот менталитет кој, според неа, има влијание врз одлуката на жените да се решат за конкурирање за градоначалнички позиции. - Тука менталитетот е малку поразличен, доколку споредиме со поголемите градови, со урбаните средини. Од страна на самите граѓани, на самата локална заедница, се гледа со скептицизам кон жените, кон нивниот капацитет и потенцијалите кои ги имаат. На жената се гледа првенствено како мајка, домаќинка, сопруга. Понатаму, во помалите локални заедници отсуствува и социјалната инфраструктура, немаме доволен број на градинки, доволен број на домови за згрижување на стари лица, недоволно развиена патна инфраструктура, и сето ова всушност го отежнува балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот на жената, вели Антоновска. Дополнува дека често пати жените немаат доволно храброст и самодоверба да влезат во високи jавни функции, со што, како што вели, понекогаш им е потребно некој да ги „поттурне“ и да ги охрабри, а тоа, според неа, може да се направи преку промовирање на поуспешните жени кои што веќе имаат улога на лидерки во локалната заедница. - Кога зборуваме за целокупниот општествен менталитет и за општествената поставеност, тука сè уште на политиката се гледа како на доминантно „машка“ професија. Кога жената ќе влезе во политиката, прво прашање со кое што се соочува, па дури и од страна на самите новинари, и на медиумите, е како ќе го балансира приватниот и професионалниот живот, а тоа прашање никогаш не му се поставува на маж - политичар. Исто така, често пати жените се многу повеќе подложни на сексизам, говор на омраза и дискриминација. Она што најчесто се забележува е визуелното, односно како изгледа жената, вели Антоновска. Според неа, многу е важно и мажите и жените да бидат вклучени во креирањето на локалните политики, бидејќи, како што вели, „секоја локална политика треба да ги одразува потребите, приоритетите, проблемите на сите граѓани кои што живеат на локално ниво и сите политики да бидат родово одговорни“. Женската солидарност, пред сè во помалите средини, вклучување во креирањето на локалните политики, и најважно од сè, политичка волја и внатрепартиска демократија во самите политички партии, како и препознавањето од страна на лидерите на политичките партии и на потесното политичко раководство, дека во своите редови имаат жени кои ги имаат истите капацитети, ресурси и потенцијали како и мажите, се неопходни за да се добие избалансирано раководство во локалните самоуправи кое ќе обезбеди еднакви можности за сите.

Ангела Рајчевска видео Аслан Вишко

Остани поврзан