• среда, 25 декември 2024

Роденден на ДПМ во криза - изборно собрание на 1 јуни, Петрески очекува членството да изгласа негов наследник

Роденден на ДПМ во криза - изборно собрание на 1 јуни, Петрески очекува членството да изгласа негов наследник

Скопје, 13 февруари 2024 (МИА) – По две неуспешни вонредни изборни собранија во ноември и јануари, Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) за 1 јуни закажа редовно изборно собрание кога се очекува членството да избере нов претседател и претседателство на писателската асоцијација која денеска одбележа 77 години постоење.

Според актуелниот претседател Христо Петрески, кризата во која се наоѓа ДПМ се должи на внатрешни поделби – антагонизам меѓу повозрасни и помлади членови, дури и поделби меѓу членови од Скопје и од внатрешноста, а дека нападите по социјалните мрежи во изминатиот период често се од луѓе кои и не се членови на ДПМ и чија намера е да му наштетат. Како што рече, има и „странични удари, има и странски мешетарења и притисоци, но и домашни – партиската подвоеност има влијание врз ова друштво“. Реагираше и поради негрижа на државата да му помогне финансиски и третманот што го добива како обично здружение.

На присутните кои денеска беа да го одбележат роденденот, Петрески им порача дека ДПМ треба да биде гласот на македонските писатели и заедно да се изборат за многу нешта кои, рече, во минатото му припаѓале на македонскиот писател, „а сега тој самиот треба да си ја реши судбината“.

-Срамно е тоа што се случува во оваа организација, која е еснафска, па и синдикална.  Покрај мене има многумина истомисленици и нема да дозволиме ДПМ ниту да исчезне, ниту да пропадне ниту да се разнебити... Да сме поорганизирани и посложни и да не се критикуваме по медиуми, треба да се избориме за авторските хонорари кои се никакви, за третманот во медиумите, треба македонските писатели да гостуваат во странство, да излезат од локални рамки, истакна Петрески.

Во изјава за медиумите рече дека членовите на Претседателството на ДПМ и тој самиот се уште се на функции и не се сменети, неговата и нивните оставки не се прифатени затоа што не беа одржани изборните собранија за да бидат верификувани. Денешното одбележување, како што рече, не го организирал на своја рака, туку во договор со претседателката на Собранието и со членството. 

-Затоа што мислам дека е непримерено по 77 години да не се одбележи овој свет датум - 13 февруари е празник. Замислете колку големи, познати, афирмирани, етаблирани писатели биле членови на ДПМ и зар треба да размислуваме дали треба да го одбележиме овој ден, посебно на еден ваков начин - со поезија, со читање, со другарување и најбитно – отворен ден. Друштвото не треба и не смее да биде затворена институција. ДПМ е мошне значајна институција, втемелена е во писменоста на македонскиот народ, во јазикот, во културата, во државноста. Без ДПМ ја нема и државата. Државата не смее да зборави, не може само кога ти треба некој да постоиш, ако не ти треба - да не постоиш. На државата и треба ДПМ и обратно, рече Петрески.

Нагласи дека нема намера да го „запоседнува Друштвото и да одоговлекува“ и повика што поскоро членовите да изберат друг човек, а државата да одвојува повеќе средства за активности и одржување затоа што, рече, „не може ова Друштво да егзистира со киријата од кафеаната ’Јоле’“. 

-Мене четири години ми се многу, и со статут и без статут. Тоа што може и треба да го направите, може и за две години. Но сега никој не се нафаќа зашто оваа работа е волонтерска и не сакаат да си стават трн во нога. Никој не сака да биде топовско месо, постојано да биде напаѓан на социјални медиуми, и тоа не од членовите, туку од анонимни луѓе кои не се ни членови на Друштвото, изјави Петрески. 

Првпат годишнината беше одбележана без свечено врачување на годишните награди на ДПМ („Стале Попов“, „Ацо Шопов“„ Димитар Митрев“ и „Ванчо Николески“). Не беа распишани  конкурсите поради нефункционирање на Претседателството на ДПМ и неможност да се изберат жирија што ќе одлучуваат за најдобрите книжевни дела на членови на ДПМ во претходната година. Петрески изјави дека се надева наградите да бидат доделени по конституирање на новото Претседателство што очекува дека ќе се случи по изборното собрание на 1 јуни.

-Но тоа не зависи лично од мене, зашто не знам дали ќе има кворум и за редовното собрание, дали ќе се избере нов претседател и Претседателство. Тоа зависи од членството, рече Петрески.

Според писателот Васил Дрвошанов, кој денеска имаше пригодна беседа за првите тројца претседатели на Друштвото и негови основачи во 1947 - Блаже Конески, Ацо Шопов и Славко Јаневски, досега ДПМ било под закрила на државата, а со „поедноставувањето во здружение го губи тој приоритет што го заслужуваше“.

- Мислам дека можеби тука како институција треба да се има друг пристап. Според мене, нивото, третманот на ДПМ не го заслужува тоа. Очекувам поинаков приод од страна на државата,  веројатно тоа треба законски да биде регулирано, изјави Дрвошанов. 

Писателот Александар Прокопиев додаде дека „државата не мора да биде надвисната како закрила, но мора да се грижи за функционирањето во своја корист“, потенцирајќи дека ДПМ заедно со Скопскиот универзитет и МАНУ се институции - носители не само книжевниот и културниот, туку и на националниот идентитет.

-Без оглед на политичките клими, менувања и меѓусебни борби, ова е нешто што е многу поважно, дури од тоа кој ќе биде на власт. Значи, како власта функционира, односно како функционира во нашиот културен живот, институциите кои се темели на тој културен живот тоа е посебно прашање, нагласи Прокопиев. 

За настанатата криза во ДПМ рече дека е ситуација која „се развива во  страшно непријатни текови“ и дека самата писателска асоцијација ќе мора да го најде излезот.

-Како тоа ќе заврши немам јас решение. Тоа мора да си го реши самата организација. Таа си има свој статут, свои тела, со нивно функционирање сигурно може да се помогне. Меѓутоа, со вакви директни и груби конфронтации не, рече Прокопиев. 

Седумдесет и седмиот родендден на ДПМ беше одбележан со читање поезија. ДПМ има 300 членови. На последниот конкурс, како што информираше Петрески, биле примени девет нови од 69 пријавени. хс/са/

Фото: МИА

Остани поврзан