• понеделник, 16 декември 2024

Роденденот на Чарлс Трети во знакот на борбата против фрлањето храна и гладот

Роденденот на Чарлс Трети во знакот на борбата против фрлањето храна и гладот

Лондон, 14 ноември 2024 (МИА) - Британскиот крал Чарлс Трети го прославува својот 76. роденден со отворање два центри за снабдување со храна. Тоа е дел од неговиот проект за намалување на отпадот и помош за гладните, пренесува британскиот печат.

Кралот, инаку поборник за еколошки прашања и застапник за одржлива економија, лани ја почна мисијата „Крунски проект за храната“ (Coronation Food Project), со цел „да го премости јазот меѓу отпадот од храна и потребата за храна“, како што самиот изјави. Тој денес ќе ги отвори првите два снабдителни центри за складирање и прераспределување тони вишок храна.

Во таа смисла, во јужен Лондон ќе се одржи и фестивал за вишокот храна којашто не треба да заврши в ѓубре. По присуството на тој настан, Кралот ќе отвори нов таков центар и во Северна Англија. Целта е и соработка со добротворните организации за храна, како што се „Фершер“ (FareShare) и „Феликс проџект“ (Felix Project), соопшти Бакингемската палата.

Проектот, се вели, досега помогнал да се спасат 940 тони вишок храна, што изнесува повеќе од 2,2 милиони оброци коишто не отишле в ѓубре.

Роденденот на кралот ќе се прославува и на Лондонската кула и во парковите во главниот град. Кралот, инаку, неделава присуствуваше и на премиерата на филмот „Гладијатор II“ во Лондон. Медицинскиот тим продолжува внимателно да ги следи службените должности на кралот додека тој продолжува со лекувањето на ракот. Неговата сопруга Камила го пропушти кинонастанот, бидејќи се опоравува од респираторна инфекција.  си/

Фото: ЕПА

Остани поврзан