Ричлиев: На дофат ни е дванаесеттата титула
- Екипата на Струмица првата етапа од годинашното првенство во елитното одбојкарско натпреварување ја заврши со максимален учинок - 12 победи и со само два изгубени сетови и цврсто ја чува лидерската позиција.
Струмица, 16 декември 2024 (МИА) - Екипата на Струмица првата етапа од годинашното првенство во елитното одбојкарско натпреварување ја заврши со максимален учинок - 12 победи и со само два изгубени сетови и цврсто ја чува лидерската позиција.
- Како и минатите сезони и оваа на дофат ни е титулата, дванаесетта досега. Одигравме со максимален резултат и против сите противници забележавме победи. Единствено против Работнички и Штип УГД загубивме по еден сет. Мене ме радува што покрај успесите на сениорскиот тим сите екипи од младинскиот погон се, исто така, првопласирани во своите групи и се надевам дека таму ќе останат до крајот од оваа сезона, вели тренерот Кирил Ричлиев.
Додава дека имаат на располагање многу млади талентирани одбојкари и очекува многу бргу тие да ги заменат искусните и докажани првотимци и репрезентативци.
Според стратегот на шампионот, годинава со настапите во европските клубски натпреварувања собрале доволно искуство, иако малку недостасувало да изборат пласман во наредните натпревари.
- Во Лигата на шампионите немавме среќа. Во првото коло ни се падна најсилната екипа, грчкиот Олимпијакос, кој сега настапува во групната фаза на најсилното европско одбојкарско натпреварување. Продолживме во Купот на ЦЕВ со унгарскиот Капошвар каде по победата на домашен терен на гостувањето бевме поразени благодарение на засилувањата кои ги донесе унгарската екипа. Во домашното првенство имаме одличен скор и морам да потенцирам дека игравме исклучиво со домашни играчи, смета Ричлиев.
Инаку, во најквалитетното домашно одбојкарско првенство, освен Струмица од овој регион настапуваат и екипите на Македонија Џио од Струмица и Сушево од истоименото село во општина Василево. рт/зс/
Фото: ОК Струмица