• вторник, 26 ноември 2024

Рикер: Блинкен идната недела на министерски состанок на НАТО и во прва официјална посета на Европа 

Рикер: Блинкен идната недела на министерски состанок на НАТО и во прва официјална посета на Европа 

Вашингтон, 19 март 2020 (МИА) - На министерскиот состанок на НАТО идната недела во Брисел ќе се дискутира за зацврстување на капацитетот на Алијансата за спротивставување на Русија, постојаните терористички закани и хибридните и кибер закани како дезинформацијата и корупцијата како оружје, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Филип Рикер, вршител на должноста заменик државен секретар за Европа и Евроазија, изјави дека за државниот секретар на САД Ентони Блинкен ова ќе биде прва официјална посета на Европа во својство на државен секретар.

На брифинг за новинарите денеска Рикер порача дека целта на првата средба на Блинкен со сојузниците е „да се истакне заложбата за оживување на нашите врски со НАТО“.  

- Веќе слушнавме од претседателот (Џо Бајден) и од државниот секретар колку се важни НАТО и Европејците како клучни партнери за важните цели на САД, од зачувување на меѓународниот поредок заснован на правила со кои се раководи нашиот меѓународен систем, до обнова по Ковид пандемијата и економски прогрес, рече Рикер. 

Тој додаде дека Блинкен со нетрпение очекува да се сретне со своите колеги, сите останати 29 министри од НАТО, како и со генералниот секретар Јенс Столтенберг.

Според него, се вршат блиски консултации со сите сојузници и цврсто поставена политика на НАТО е тоа дека Алијансата е отворена за нови членки. 

- Во изминатата година НАТО ја постигна бројката од 30 членки, со влегувањето на Северна Македонија како најнова сојузничка. Ставаме јасно до знаење дека политиката на отворена врата е успешна за оние земји кои избираат НАТО патека и ја сработуваат тешката работа за исполнување на неопходните услови за членство во Алијансата, истакна Рикер. 

Стејт департментот претходно соопшти дека државниот секретар Блинкен идната недела, од 22 до 25 март, патува за Брисел на министерскиот состанок на НАТО каде ќе одржи средби со лидерите на ЕУ и со белгиски официјални претставници. 

- Средбите во Брисел ќе ја реафирмираат посветеноста на САД на нашите сојузници и европски партнери во нашата заедничка агенда, се вели во соопштението. кб/ 

Остани поврзан