• понеделник, 23 декември 2024

Речник „Колинс“: „Lockdown“ е збор на годината

Речник „Колинс“: „Lockdown“ е збор на годината
Лондон, 10 ноември 2020 (МИА) - Владите ширум светот минаа голем дел од 2020 година обидувајќи се да ја спречат пандемијата на коронавирус, па речникот „Колинс“ го претстави зборот „lockdown“ (заклучување, изолација, карантин), како поим на годината. Зборот, што се дефинира како „наметнување строги ограничувања во смисла на движење, социјални односи, патувања и пристап до јавниот простор“, е избран затоа што тоа е „искуство што обединува милијарди луѓе ширум светот“, се вели во известувањето. Шест од топ 10-те зборови во потесниот избор се поврзани со пандемијата. Меѓу нив и „коронавирус“, „самоизолирање“ и „социјална оддалеченост“. Повеќе од 50,2 милиони случаи на нови коронавируси се регистрирани ширум светот досега, а над 1,2 милиони лица починаа, наведува Светската здравствена организација. Уредувачите на речникот „Колинс“ посочуваат дека во оваа 2020 година, зборот на годината е употребен над 250.000 пати, наспроти само 4.000 пати претходната година. Друг збор што се најде на краткиот список се „Тик-токер“, што „Колинс“ го дефинира како „лице кое редовно споделува или се појавува во видеа на Тик-ток“ апликацијата за споделување видео. Зборот „БЛМ“ како кратенка за „Black Lives Matter“ (Животите на црнците се важни), исто така, се најде во списокот. Речникот го дефинира тоа како „движење кое води кампања против расно мотивирано насилство и угнетување“. БЛМ започна како движење на интернет, предизвикано од убиството на тинејџерот Трејвон Мартин кое се случи 2012 година во САД.  си/сд/

Остани поврзан