• четврток, 25 јули 2024

Републиканецот Гејц бара разрешување на претседателот на Претставничкиот дом

Републиканецот Гејц бара разрешување на претседателот на Претставничкиот дом

Вашингтон, 3 октомври 2023 (МИА) - Мет Гејц, републиканец од Претставничкиот дом на САД, покрена иницијатива за смена на претседателот на тоа тело, исто така републиканец, Кевин Мекарти.

-Имам доволно републиканци, за следната недела да се случат една или две работи: Кевин МекКарти или повеќе нема да биде претседател на Претставничкиот дом, или ќе биде претседател на тој дом кој работи во интерес на демократите. Секој резултат ми одговара, бидејќи американскиот народ има право да знае кој е на власт“, ​​изјави синоќа Гејц по поднесувањето на барањето за разрешување на Мекарти.

Мекарти му одговори неколку минути подоцна, на социјалните мрежи, со кратка порака: „Повелете“.

Гејц, десничарски републиканец од Флорида и жесток критичар на Мекарти, со месеци го најавуваше потегот, а заканите се интензивираа откако Мекарти овој викенд, поддржан од демократите, го освои потребниот број гласови за да избегне затворање на американската влада.

Гејц го обвини Мекарти дека договарал со Белата куќа за да се донесе закон со кој ќе и се обезбеди финансиска помош на Украина во војната против Русија.

Барањата за смена на претседателот на Претставничкиот дом не се вообичаени и вклучуваат строга процедура, која е покрената против републиканските претседатели на тоа тело само двапати во изминатиот век. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан