• вторник, 24 декември 2024

Реновиран Одделот за ревматологија и кардиологија на Детската клиника во Скопје

Реновиран Одделот за ревматологија и кардиологија на Детската клиника во Скопје

Скопје, 21 јуни 2023 (МИА) - На Универзитетската клиника за детски болести во Скопје денеска свечено беше пуштен во употреба реновираниот Оддел за ревматологија и кардиологија.

Министерот за здравство Фатмир Меџити во обраќањето на свеченоста изјави дека комплетно реновирање и доопремување на одделот за ревматологија и кардиологија на Детската клиника се реализираше со донација од „Комерцијална банка“ во вредност од 4.984.000 денари.

- Одделот за ревматологија и кардиологија за рекордно брзо време е комплетно реновиран, опремен е со нови болнички кревети, санитарија, елементи за остава и плакари, со цел обезбедување квалитетни услови за престој на пациентите и максимална нега и грижа од медицинскиот персонал, изјави Меџити.

Здравството, додаде тој, е навистина сензитивен сегмент и помошта е секогаш добредојдена, посебно кога се во прашање децата и нивното здравје.

- Ова е значаен придонес со кој обезбедуваме поудобно опкружување за нашите најмили, со цел што побрзо опоравување и заздравување, додаде министерот.

В.Д. медицинската директорка на Клиниката, Стојка Нацева Фуштиќ рече дека овој оддел е еден од есенцијалните на Клиниката, каде што се дијагностицираат, лекуваат и се следат децата со овие болести.

- Поради застареност на инвентарот и оштетување на одредени делови од одделот, имаше потреба од негово реновирање и обновување на опремата. За рекордно време, одделот доби сосема нов лик. Се стави нов под, се обновија болничките соби, собите за интервенција, се ставија нови кревети, нови плакари..., појасни таа.

Нацева Фуштиќ информираше дека на овој оддел годишно во просек бројот на хоспитализирани се движи околу десет пациенти, бројот кој варира во зависност од потребите.

На новинарско прашање дали има потреба да се реновираат и други оддели на Клиниката, таа одговори дека продолжуваат со реновирање.

- Од утре почнува реновирање на друг оддел. Клиниката е во фаза на обновување и подобрување, нагласи Нацева Фуштиќ.

В.Д. организацискиот директор на Клиниката за детски болести, Аркин Јахији Јахији посочи дека донацијата им значи многу и оти сега имаат многу подобри услови.

- Клиниката за детски болести останува отворена за сите општествено одговорни компании што сакаат да донираат и да ги подобрат условите во јавното здравство, истакна Јахији.

Главниот финансов директор и член на Управниот одбор на „Комерцијална банка“, Маја Стевкова Штериева посака ниту едно дете да не мора да влезе низ вратата на одделот во иднина.

- Сепак, останува одговорноста да обезбедиме современи и хумани услови за лекување на секое дете на кое ќе му биде потребно тоа. Нашата цел беше да придонесеме и за олеснување на работата на медицинскиот персонал, кој секогаш има огромна одговорност и обврска да обезбеди безгрижна иднина на најмилите, посочи таа.

Грижата за здравјето на граѓаните, додаде Стевкова Штериева, мора да биде врвен приоритет за секое општество, од кој не смее да отстапи ниедна институција и најави и понатамошна помош за јавното здравство. бд/сп/

Фото: МИА

Остани поврзан