• сабота, 23 ноември 2024

Рекорден број независни советници во општинските совети

Рекорден број независни советници во општинските совети
Скопје, 29 октомври 2021 (МИА) – Во општинските совети на локалните избори во 2021 година влегуваат рекорден број независни советници - 67, распределени низ 34 општини. Најмалку еден независен советник има во 85 проценти од општините во кои биле поднесени независни листи или во над 40 проценти од вкупниот број на општини, што е речиси двојно зголемување во однос на локалните во 2017 година низ 18 општини или 22 проценти од вкупниот број општини имало 37 независни советници. Независните групи за членови на советите на општините на Локалните избори 2021 година имаат добиено 67 мандати или 4,97 проценти од вкупно 1.347 советнички места, што е рекорден број независни советници во општинските совети од независноста досега, покажуваат податоците објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија. Најмалку независни советници имало на локалните избори во 2000 година – 1,73 проценти од вкупниот број советнички места, потоа следат последните локални во 2017 кога имало 2,74 проценти, па на првите во 1996 кога независни советници биле 3,66 проценти, на изборите во 2013 имало 4,16 проценти, потоа на изборите во 2009 – 4,5 проценти и на изборите во 2005 година – 4,77 проценти. На овие избори, од вкупно 546 поднесени листи за советници 63 или 11.5 проценти беа  независни, додека независни советнички листи имаа поднесено во 40 општини или во половина Општини и Градот Скопје. Најмалку еден независен советник има во 34 општински совети или во 85 проценти од општините во кои биле поднесени независни листи, односно во над 40 проценти од вкупно 80 општини и Градот Скопје. Првите локални избори во независна Македонија се одржани на 17 ноември 1996 година, на кои се избирани советници и градоначалници во 123 општини, плус Градот Скопје. Од вкупно 747 кандидатски листи за членови на општинските совети, независни листи биле 26 или 3,5 проценти. Независните групи за членови на советите на општините добиле вкупно 1,03 проценти од гласовите и освоиле 30 мандати или само 3,66 проценти од вкупно 1.802 советнички места. Независните кандидати добиле барем едно советничко место во 12 општини, односно во 9,67 проценти од вкупниот број општини. Вторите локални избори се одржаа на 10 септември 2000 година, на кои се избирани советници и градоначалници во 123 општини, плус Градот Скопје. Од вкупно 564 кандидатски листи за членови на општинските совети, независни биле 19 или 3,35 проценти. Независните групи на членови на Советите на општините добиле 33 мандати, што е 1,73 проценти од вкупно 1.906 советнички места. Независните кандидати добиле барем едно советничко место во 13 општини, односно во само 10 проценти од вкупниот број општини. Третите локални избори се одржаа на 13 и 27 март 2005 година, на кои се избирани советници и градоначалници во 84 општини и Градот Скопје. Ова се првите локални избори по новата територијална распределба и намалувањето на бројот на општините. Од вкупно 445 кандидатски листи за членови на општинските совети, независни листи биле 33 или 7,41 процент. Независни советници освоиле 64 места или 4,77 проценти, од вкупно 1.341 советнички места. Независните кандидати добиле барем едно советничко место во 31 општина, односно во над една третина (36,47 проценти) од вкупниот број општини. Четвртите локални избори се одржаа на 22 март 2009 година, на кои се избираа градоначалници и советници во 84 општини и Градот Скопје. Од вкупно поднесени 702 кандидатски листи за советници, 88 биле независни, што е 12,5 проценти. Независни советници освоиле 63 советнички места, или 4,5 проценти од вкупно 1.391 советничко место. Независните кандидати добиле барем едно советничко место во 30 општини, односно во над една третина (35 проценти) од вкупниот број општини. Петтите локални избори се одржаа на 24 март 2013 година со цел избирање на советници и градоначалници во 80 општини и Градот Скопје. Биле поднесени вкупно 480 листи на кандидати за советници, од кои 86 или 17,9 проценти биле од независни групи на граѓани. Независни советници освоиле 56 места или 4.16 проценти од вкупно 1.345 советнички места. Независните кандидати добиле барем едно советничко место во 24 општини, односно во нешто помалку од една третина (29.6 проценти) од вкупниот број општини. Шестите локални избори се одржаа на 15 октомври 2017 година, на кои се избираа градоначалници и советници на 80 општини и Градот Скопје. Од вкупно 371 кандидатска листа за советници, 48 или 12,9 проценти биле од независни групи на граѓани. Независни советници добиле 37 места, од вкупно 1.347 советнички места, што претставува само 2,74 проценти. Независните кандидати добиле барем едно советничко место во 18 општини, односно во 22,2 проценти од вкупниот број општини. аа/са/

Остани поврзан