Реконструкција на училиштето во кумановското село Умин Дол
- Привршува реконструкцијата на основното училиште „Карпош“ од кумановското село Умин Дол, соопштија денеска надлежните од училиштето. Заменет е покривот, објектот доби нова енергетски ефикасна

Куманово, 28 април 2022 (МИА) - Привршува реконструкцијата на основното училиште „Карпош“ од кумановското село Умин Дол, соопштија денеска надлежните од училиштето. Заменет е покривот, објектот доби нова енергетски ефикасна фасада, променети се подовите, вратите, прозорци, инсталација на парно греење, адаптирани се санитарни јазли и пристапни рампи за ученици со попреченост и се организира и адаптира училишниот простор.
Воедно, реконструкцијата опфаќа нова инсталација и нова водоводна мрежа.
- Проектот опфаќа комплетна реконструкција на кровот, нова електрична инсталација, нов систем со парно затоплување, нова фасада, замена на прозорци и столарија, подови, санитарни јазли и делумно нов ентериер со што оваа училиште ќе биде комплетно енергетски ефикасен. Овој проект е поддржан финансиски од Министерството за образование и наука и општината, информира градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Реконструкцијата почна во јануари годинава. Ова е едно училиште каде поради целосна реконструкција наставата се изведува онлајн. Претходно, претставниците од училиштето, Министерство за образование и наука и Сектор за образование при Општина Куманово ги потпишаа договорите за почнување на реконструкцијата која се реализира преку проектот „Реконструкција на училишни објекти на основни и средни училишта“ и со поддршка на општина Куманово.
Во ова училиште настава на македонски наставен јазик следат 131 ученик од прво до деветто одделение. Училиштето има и едно подрачно училиште во соседното село Љубодраг, каде што овој месец почна реконструкцијата. Наставата се изведува во две смени. Од годинава е воведен втор изборен јазик, српски, кој го следат учениците од училиштето, од двете села од Кумановско. ам/цр

