• сабота, 06 декември 2025

„Реканска дијаспора“: Возете внимателно и одговорно, намалете ја бучавата

„Реканска дијаспора“: Возете внимателно и одговорно, намалете ја бучавата

Дебар, 1 август 2025 (МИА) - Здружението на иселениците од реканскиот крај, општина Маврово и Ростуше „Реканска дијаспора“ упати јавен повик во кој бара „да го почитуваме крајот кој нè родил“.

- Почитувани пријатели, сограѓани и гости. Ние, припадниците на Реканската дијаспора, кои секое лето со љубов се враќаме во родниот крај, чувствуваме обврска и одговорност да упатиме пријателски, но сериозен апел. Во последниот период е забележан зголемен број на квадови и мотори низ нашите села и планини. За жал, веќе има и сообраќајни инциденти, нарушен јавен ред, како и штета врз природата и селската инфраструктура, стои во повикот.

Се додава дека најголем дел од сопствениците на вакви возила се токму иселениците.

- Затоа, искрено ги повикуваме сите наши луѓе да покажат почит и одговорност, исто како што тоа секојдневно го прават во државите каде што живеат и работат. Ве замолуваме возете внимателно и одговорно, намалете ја бучавата - луѓето сакаат мир, почитувајте ги жителите и нивните домови, чувајте ја природата - таа е наше заедничко богатство. Река нè обединува! Да покажеме дека знаеме да сакаме, да чуваме и да се грижиме – не само кога сме далеку, туку и кога сме дома, апелираат од „Реканска дијаспора“.

Традиционално во летниот период посебно од 20 јули иселенците од овој крај, кои ги има над 12 илјади, главно во Италија, Германија и Швајцарија, масовно доаѓаат во родниот крај. вт/мд/

 

Фото: Реканска дијаспора ФБ

Остани поврзан