• четврток, 26 декември 2024

Режисерот Антонио Митрикески лауерат на наградата „Астер“

Режисерот Антонио Митрикески лауерат на наградата „Астер“

Струмица, 22 јули 2024 (МИА) - Лауреат на наградата „Астер“ на годинешниот 19. „Астерфест“ е македонскиот режисер и сценарист Антонио Митрикески.

Одлуката ја соопштија денеска од „Астерфест“, а во неа стои дека исклучителната филмска поетика и естетски вдахновениот и минуциозен филмски опус на Антонио Митрикески заземаат посебно место во македонската, балканската и европската кинематографија.

Покрај Милчо Манчевски и Митко Панов, Митрикески е еден од најизразитите македонски претставници на генерацијата филмски автори кои започнаа да го градат својот опус и постигнаа видни успеси веднаш по осамостојувањето на Македонија.

Наградата на Митрикески ќе му биде доделена на отворањето на „Астерфест“, на 1 август, во 20:30 часот во Амфитеатарот во Струмица, а статуетката за наградата „Астер“ специјално ја изработи македонскиот уметник Никола Пијанманов.

По повод добивањето на престижно признание организаторите на Фестивалот ја пренесуваат изјавата на Антонио Митрикески.

– Оваа награда, да бидам лауреат на годинашново издание на „Астерфест“, за мене е привилегија поради фактот дека нејзини носители се значајни имиња од светот на филмот, и македонскиот и светскиот. Оваа награда воедно ја споделувам со сите филмски работници со кои имам работено, кои се еднакво заслужни за оживување на моите краткометражни и играни филмови. Сакам да му се заблагодарам на основачот и претседателот на фестивалот Горан Тренчовски за ентузијазмот и посветеноста, благодарение на кои со својата екипа успеа да го одржи и да го позиционира овој филмски фестивал на пошироката балканска и европска филмска сцена. Од моето лично искуство сакам да кажам дека патот за реализирање на едно филмско дело е комплексен, полн со премрежја низ кој проаѓа еден режисер, филмски автор, но интересно е тоа дека токму таа неизвесност ја дава најголемата мотивација да се изработи филмот најдобро што се може, да се даде сѐ од себе. Како педагог сум сведок на успесите на младите режисери, затоа треба на идните генерации да им се овозможи полесно да дебитираат и да се оценуваат само нивните уметнички вредности, а политиката да нема никакво влијание. Само на таков начин ќе ги задржиме младите и успешните во Македонија, стои во изјавата на Митрикески.

На 2 август, во хотел „Горан Пандев“, во 11 часот, ќе се одржи традиционалниот „Астер портрет“ (Тивериополска филмска беседа) за Митрикески, на кој ќе зборува критичарот Стојан Синадинов.

Сите филмови на Митрикески се прикажувани на поранешните изданија на „Астерфест“. За оваа пригода, на 4 август вечерта, во Амфитеатарот во Струмица, во соработка со Кинотеката на РС Македонија, за струмичката публика ќе има специјална проекција на долгометражниот игран филм „Преку езерото“ на Митрикески, според сценарио на Ташко Георгиевски и Митрикески, со Никола Ристановски и Агњешка Вагнер во главните улоги.

Претходни лауреати на престижната меѓународна награда „Астер“ биле авторите Бранко Гапо, Карољ Вичек, Лордан Зафрановиќ, Рангел В’лчанов, Боро Драшковиќ, Мигел Ермосо, Лаила Пакалнина, Тимоти Бајфорд, Владимир Блажевски, Карпо Година, Киро Урдин, Борис Геретс, Вајт Хелмер, Коле Ангеловски, Ким Лонгиното, Пиро Милкани, Јан Качер, Желимир Жилник.

19. „Астерфест“ во Струмица започнува на 1 август (четврток) во Амфитеатарот, во
20:30 часот и тој годинава ќе се одвива под мотото „Кинореалност ’24“. Покровител на фестивалот е Општина Струмица. рт/дма/

Фото: „Астерфест“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан