• понеделник, 16 декември 2024

Реевалуација на високообразвните институции, најави министерката Јаневска

Реевалуација на високообразвните институции, најави министерката Јаневска

Скопје, 15 јули 2024 (МИА) - Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави реевалуација на високообразовните установи во државава и соопшти дека ќе се постапи по секоја пријава за немање стандарди за дејноста за која тие се акредитирани.

-Ќе постапиме по секоја пријава, ќе има реевалуација и секој што исполнува услови - со среќа, секој што не исполнува услови, ќе мора да се помири со судбината, рече министерката во интервјуто за „Топ тема“ на ТВ Телма.

Како што рече, ќе се отвори дискусија дали на државава и се потребни 20 факултети по правни науки или пет факултети по медицина.

Според неа, намерата да се отвори  факултет во секој град иако била добра, се претворила во својата спротивност и влијаела на намалување на квалитетот на високото образование.

На прашањето зошто наставниците нема да добијат покачување на платите предвидено со колективните договори, Јаневска одговори дека минатата власт „од чист популизам испотпишала толку колективни договори“, а обезбедила средства само до август. 

-Беше смислено направена замка за да покажат дека идната власт на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не е способна да ги исплати платите, а ја оставија државата во ненормален долг. Зошто ги потпишаа кога знаеја дека нема пари? Зошто? За да добијат избори? Потпишаа на цела администрација, само наставниците ги оставија така, рече министерката Јаневска.

Кажа дека земјата е презадолжена и финансиските можности се ограничени и дека колективниот договор во образованието ќе се потпише кога ќе се создадат услови.

-Јас сум професор, јас сакам професорите да имаат високи плати, ама јас сакам и минималната плата да е поголема. Ако стопанството тоа не може да го издржи, сметам дека тоа беше чист политички популизам кој нѐ донесе во уште потешка ситуација. Моите наставници, наставниците на МОН, наставниците на оваа држава нема да ги лажам - кога ќе има услови, а сигурна сум дека до крајот на мандатот ќе има услови, дај боже и порано да има услови, ќе се потпише колективниот договор и тие ќе си добиваат плата по колективен договор, рече Јаневска. хс/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан