• понеделник, 23 декември 2024

Редок наод од средниот век: Жена-воин загинала со мажите соборци, штитејќи го својот замок

Редок наод од средниот век: Жена-воин загинала со мажите соборци, штитејќи го својот замок

Гвадалахара, 25 јyни 2024 (МИА) - При ископувања кај замок во Шпанија, археолозите наишле на редок наод - жена погребана покрај повеќе од 20 средновековни монаси. Како и мажите, и таа веројатно била жена-воин која загинала во битка, претпоставуваат научниците.

Се работи за тврдината „Зорита де лос Канес“ во градот Гвадалахара. Гробниците датираат од времето меѓу 12. и 15 век - период на сложени верско-политички судири меѓу христијанските и исламските групи на Пиринејскиот Полуостров. Според написот објавен на 14 мај во списанието „Сајентифик репортс“ (Scientific Reports), многу од скелетите имаат рани кои укажуваат на повреди и насилна смрт, најверојатно добиени во борба. Овие монаси-воини му припаѓале на Редот на Калатрава, основан 1158 година.

Врз основа на анализата на посмртните останки на жената, се чини, таа починала во борба, како и монасите, бидејќи нејзините коски не покажуваат знаци на заздравување околу повредите.

- Треба да ја замислиме како воинка од околу 40 години, малку помалку од метар и 80 цм висока, ниту полничка, ни слаба, а вешта со меч, изјави Карме Рисех, истражувачка од Одделот за основна медицина при Државниот универзитет во Тарагона и една од истражувачите на овој наод.

Полот на жената-воин и сличните наоди се утврдува со проучување на карлицата и черепот - два од најчестите и најсигурни делови од телото за одредување на биолошкиот пол.

Со проучување на коските од сите скелети во „Зорита де лос Канес“, научниците утврдиле и дека исхраната на монасите била богата со живина и морски риби, претпочитани и прифатени од иберските општествени елити. Честото консумирање риба „посочува дека монасите се придржувале на верските ограничувања на месото“, се наведува. Во споредба со мажите, жените јаделе многу помалку протеини - ова укажува на тоа дека воинката меѓу нив најверојатно потекнувала од пониска општествена класа во однос на монасите, пишуваат научниците.

Претпоставките говорат: Жената била слугинка во ова средновековно здание, па зела оружје в раце за да се заштити и себеси си и замокот во битката, но загинала. Нејзините коски, сепак, не укажуваат на трошење типично за работата на слугинка.

Рисех верува дека овие останки, сепак, ѝ припаѓаат на жена-воин.

- Но, потребна е дополнителна анализа за да се утврди дали оваа жена навистина била воинка и, евентуално - до кој степен?, вели докторката.

Витешкиот Ред на Калатрава, слично на Темпларите и другите воено-благороднички елитни друштва ширум Европа, имал задача да ја заштити својата област, во случајов Калатрава ла Виеха - град долж спорната граница меѓу христијанските и муслиманските земји тогаш. Во 13. век, околното благородништво почнало да го снабдува Редот со пари и луѓе. На пример, многу од активните витези и наредници од повисок ранг, биле регрутирани од пониското благородништво и од граѓаните, се вели во написот.  си/ми/

Фото: Фрипик

Остани поврзан