• сабота, 23 ноември 2024

Регионален семинар за Паметен град во Скопје

Регионален семинар за Паметен град во Скопје
Скопје, 13 мај 2022 година (МИА) - Во организација на Француската агенција за развој (ФАР) во Скопје се одржува дводневен регионален Семинар за Паметен град. Регионалниот семинар од програмата Паметен град, претставува значајна етапа од спроведувањето на програмата за техничка помош за повеќе градови, финансирана од ФАР и имплементирана од нејзиниот технички партнер „Еспелија“. Од француската Амбасада информираат дека дигиталните предизвици за осовременување на односите меѓу граѓаните и администрациите, користењето на моќта на податоците за урбана оптимизација и транспарентност, како и сензибилизација на жителите и државните службеници кон одговорноста во поглед на големите предизвици на дигитализацијата, беа главните прашања за коишто се разговараше. Во средиштето на дискусиите меѓу учесниците беше и создавањето регионална мрежа за паметни градови. Француската агенција за развој (ФАР) ги поддржува, преку програмата Паметен град, општините Тирана, Подгорица, Приштина и градот Скопје во нивното урбанистичко планирање, користејќи дигитален пристап којшто е одржлив во однос на последиците од климатските промени. Оваа програма за техничка помош овозможи изработка на дигитални акциони планови на локално ниво, во секој од градовите вклучени во програмата и организација на регионален семинар чијшто домаќин беше градот Скопје. - По неколкумесечни заложби и темелна работа, ФАР е многу горда што успешно го поддржа изготвувањето на „Акциони планови за дигиталните градови“ за секоја општина што стратешки одговара на потребите на градовите за одржлив дигитален раст. Овие планови беа дизајнирани од страна на општините и ги одразуваат нивните визии и приоритети. Дигиталната технологија несомнено им нуди нови можности на општините за имплементација на политики и програми за урбан развој кои ги прават градовите поодржливи и поинклузивни за нивните жители, посочуваат од француската Амбасада. Според Доминик Отберг, директор на регионалната канцеларија за Западен Балкан со седиште во Белград, овие стратегии ќе ги поддржат краткорочните и долгорочните визии на градовите, со надеж дека при нивното спроведување ќе се изготват програми и проекти прилагодени на потребите на градовите. Оваа програма за техничка помош, исто така, овозможи да се зајакне секторскиот дијалог и да се промовира француско-балканската размена. Во септември 2021 година беа организирани посети на одреден број градови во Франција, каде делегациите од четирите балкански градови имаа можност да разговараат со своите француски колеги за нивниот заеднички предизвик во поглед на дигитализацијата. Дижон, Руан и Ил-де-Франс беа етапите на овој своевиден „Тур де Франс“ на паметни градови (https://www.afd.fr/fr/actualites/ville-intelligente-le-numerique-pour-ameliorer-la-qualite-de-vie-dans-les-villes). ФАР се надева дека ќе стане долгорочен партнер на главните градови во регионот на Балканот. ФАР е јавна финансиска институција која ја спроведува официјалната политика за развојна помош на Владата на Република Франција. Присутна во Западен Балкан од 2019 година преку својата регионална канцеларија со седиште во Белград, ФАР доби мандат да ги поддржува земјите од регионот при исполнувањето на стандардите на ЕУ и имплементирањето на Парискиот договор за климатските промени. Од 2019 година, ФАР намени повеќе од 630 милиони евра во различни земји од Западен Балкан, повеќето од нив во партнерство со меѓународни финансиски институции. Во таа перспектива, ФАР може да мобилизира широк опсег на решенија за финансирање со цел да ги задоволи потребите на своите клиенти и партнери, особено за: заеми во областа на јавните политики за поддршка на реформските програми поврзани со процесот на пристапување кон ЕУ; инвестициски заеми за финансирање на инфраструктурата што придонесува за позелен и поодржлив раст; заеми за покривање на природни ризици; кредитни линии и гаранции преку банкарскиот сектор за поддршка на мали и средни претпријатија; финансирање на приватниот сектор преку неговата подружница PROPARCO; финансирање физибилити студии и програми за техничка помош, особено преку соработка со партнерски организации. ФАР е исто така членка на Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и е акредитирана од Европската комисија за управување со фондови и проекти во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА).фф/дма/ Фото: МИА Архива

Остани поврзан