• четврток, 26 декември 2024

Ревизори: Планот на ЕУ од 1,5 милијарди евра за зајакнување на европската одбранбена индустрија е премногу мал

Ревизори: Планот на ЕУ од 1,5 милијарди евра за зајакнување на европската одбранбена индустрија е премногу мал

Брисел, 3 октомври 2024 (МИА) - Планот на ЕУ од 1,5 милијарди евра за зајакнување на европската одбранбена индустрија е премногу мал во однос на предизвиците што ги поставува Русија и вооружувањето на Украина, изјавија ЕУ-ревизорите.

„Предложените 1,5 милијарди евра трошоци заедно со двегодишниот период на имплементација можеби нема да одговараат на амбициозните цели“, објави Европскиот суд на ревизори (ЕСА), кој ги анализира програмите на ЕУ.

Блокот од 27 нации се обидува да го зголеми своето производство на оружје откако Москва ја започна својата сеопфатна инвазија врз Украина во февруари 2022 година. Но, и покрај одредено подобрување, производството на оружје на ЕУ заостанува многу зад она на Русија и индустријата се бори да обезбеди доволно за да го вооружи Киев и да ги изгради силите на ЕУ.

Брисел започна низа програми по инвазијата на Москва, чија цел беше зголемување на производството на одбранбената индустрија на ЕУ.

Последната од нив беше предложената програма за европска одбранбена индустрија (ЕДИП) од 1,5 милијарди евра, претставена во март за поддршка на заедничките набавки на оружје од страна на државите на ЕУ и инвестициите на фирмите за зајакнување на капацитетот.

Европските функционери веќе се пожалија дека вклучените пари се несоодветни доколку ЕУ навистина сака да постигне напредок во нејзините напори да ја поттикне индустријата.

„Важно е, може да има влијание. Но, би сакал да видам многу поголеми бројки“, рече минатиот месец Андриус ​​Кубилиус, кој е номиниран за нов комесар за одбрана на ЕУ.

Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен процени дека блокот ќе треба да инвестира 500 милијарди евра вкупно во одбраната во следната деценија.

Земјите-членки на ЕУ ги зголемија сопствените трошоци за одбрана по инвазијата, но централните напори од Брисел не успеаја да го задржат темпото. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан