• сабота, 23 ноември 2024

Реал би можел да загуби два трофеи поради фалсификуван пасош

Реал би можел да загуби два трофеи поради фалсификуван пасош

Мадрид, 9 октомври 2024 (МИА) - Два трофеи освоени во 2015 година може да му бидат одземени на кошаркарскиот тим на Реал Мадрид. Станува збор за шампионската титула во Лига Ендеса и Купот на Шпанија. Причина за ова е фалсификуван пасош на поранешниот играч на „кралскиот клуб“ Маркус Слотер, пишува „Ла Вангардија“.

Според изданието, распишана е потерница за Слотер за наводно фалсификување на неговиот документ. Со него во составот, Реал направи дабл во 2015 година, но сега може да испадне дека тој тогаш немал право да игра за клубот.

Слотер се натпреваруваше со пасош од Екваторијална Гвинеја според Договорот од Котону, кој ја формира основата на партнерството меѓу Европската унија и земјите од Африка, Карибите и Пацификот. Ова му овозможи да игра како локален натпреварувач во шпанското првенство.

Меѓутоа, подоцна било откриено дека информациите во пасошот на Слотер биле неточни. Неговиот пасош имаше ист број - A001696 - како оној на друг играч - Енди Панко од Фуенлабрада. Покрај тоа, недостасуваат страниците 45 и 46 од неговиот пасош.

Судот во Мадрид издаде налог за апсење на Слотер за да го извести за постапката. Според обвинителот, документите биле лажни и иако првично се сметале за легитимни, нивните страници биле заменети.

Во случајот против Реал Мадрид тужител е Барселона. Каталонците сакаат да му бидат одземени двата трофеи на „кралскиот клуб“. Ако пасошот на Слотер бил фалсификуван, тоа значи дека не можел да игра ниту во Лига Ендеса, ниту во Куп турнирот како домашен играч. Наместо тоа, тој требаше да биде регистриран како играч надвор од ЕУ.

Судското рочиште е закажано за 5 ноември во Мадрид. дс

Фото: Х

Остани поврзан