• сабота, 23 ноември 2024

Реакција на Природно-математичкиот факултет за новиот концепт за основно образование

Реакција на Природно-математичкиот факултет за новиот концепт за основно образование
Скопје, 28 декември 2020 Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е водечка институција во државата, која едуцира наставен кадар за предметната настава во основното и средното образование по пет општообразовни предмети од областа на природните и егзактните науки (математика, физика, хемија, биологија и географија). Не може да се занемари фактот дека наставниот кадар обазован од овој факултет покрива една третина од наставните содржини во основното образование. За жал, и покрај докажаниот квалитет на Факултетот, кој се гради повеќе од 70 години, при изработката на новата концепција за основно образование не се искористени компетенциите на универзитетските наставници од нашиот Факултет. Согласни сме дека се потребни темелни промени во нашиот образовен систем. Меѓутоа, историјата и искуството покажуваат дека сите промени или реформи креирани од недоволно хетероген круг експерти и подготвени за реализација во многу краток рок, не вродиле со позитивен резултат. Уште повеќе, често по тие реформи, квалитетот на знаењето, компетенциите и вештините на учениците биле на пониско ниво од претходното, што континуирано го покажуваат сите меѓународни и домашни мерења и истражувања од 1999 година досега. За да се направат сериозни и темелни реформи потребна е консултација со сите засегнати страни и доволно време за анализа и подготовка. Цениме дека временскиот период за почеток на имплементацијата од следната учебна година (2021/2022) е премногу краток. Тоа значи дека за целосна подготовка има период од само 8 месеци, во којшто треба да се подготват не само нов наставен план и програми по сите предмети, туку и литература која ќе се користи при нивно изучување. Концептот дека не мора да има учебник можеби е функционален во држави во кои има доволно стручна литература прилагодена за основно образование на мајчин јазик, што не е случај и кај нас, каде што вакви материјали речиси не постојат, а постоечките се со ограничена применливост. Дополнително, укажуваме на тоа дека при вакви реформи во образованието треба да се има целосна и јасна слика за сите одделенија (не само за 1-во и 6-то одделение), со што ќе се овозможи континуитет во знаењата и вештините со кои се стекнуваат учениците. Она што е уште поважно, а од кое во голема мера зависи квалитетот на наставата, е подготовката на наставниците и стручните соработници, како и целокупната организација на училиштата. Дополнителен проблем претставува начинот на оценување на учениците. Во ваков временски теснец, не постои можност за успешно имплементирање на овие промени. Нацрт концепцијата за основното образование (за разлика од повеќе важни документи и слични изработки1) не дава информација за составот на работната група која ја подготвила нацрт концепцијата. Тоа остава сомнеж во транспарентноста на постапката, стручноста и компетентноста на тимот. Нацрт концепцијата, во суштина, завлегува во наставниот план за деветгодишното основно образование, а во текстот многу нејасно и скудно се дадени резултатите од истражувањето (ноември 2020) на примерок од нешто повеќе од 4000 наставници. Дополнително, електронскиот прашалник не е даден на увид, за да се види како се формулирани прашањата. Од скудните податоци, ако 60–80 % од учесниците се изјасниле дека се потребни промени во наставните програми, учебниците и наставните материјали, а само 36 % од испитаниците сметаат дека се потребни промени во наставниот план, тогаш е изведен погрешен заклучок од истражувањето дека треба да се менува наставниот план за основното образование. Отсуството на детални податоци за методот, инструментот за прибирање на податоци, примерокот, резултатите од истражувањето, нивната статистичка обработка, заклучоците и слично укажува на тоа дека концепцијата воопшто не произлегува од резултатите на истражувањето спроведено во ноември 2020. Од друга страна, спојувањето на предметите од областа на природните науки (физика, хемија, биологија и дел од географија во еден предмет – Природни науки) за да се истакне нивната поврзаност не е од суштинско значење кое ќе го зголеми квалитетот на наставата и постигнувањата на учениците, бидејќи таквата поврзаност веќе постои во нашиот образовен систем. Сепак, корелацијата меѓу овие предмети игра клучна улога во формирањето трајни концептуални знаења кај учениците, но сметаме дека ова може многу подобро да се реализира преку постоење на одделни предмети. Корелацијата и практичната примена на природните науки во животот на луѓето може и треба да се направи преку усогласување на наставните програми по одделните предмети и подготовка на дополнителна литература на мајчин јазик, како и подобрување на условите за изведување на наставата по овие предмети. Во таа насока, нејасно е инсистирањето да се вметнат три (четири) наставни предмети во еден, без притоа училиштата да поседуваат опремени и континуирано одржувани кабинети/лаборатории, а сето ова да се избегнува да се вметне во стандардите, каде што јасно ќе се посочи што е потребно за наставникот успешно да ја изведува наставата. Наставните предмети: математика, физика, хемија, биологија и географија се од фундаментално значење за стекнување знаење и вештини важни за понатамошниот развој на личноста и нејзината инволвираност во општеството. Според тоа, цениме дека инсистирање на пристапот базиран на нагли промени во наставните планови и содржини, како што се предвидува со концепцијата, ќе биде непродуктивен и штетен по образовниот процес. Затоа, сметаме дека учениците од 6-то, 7-мо, 8-мо и 9-то одделение треба да се запознаат и да осознаат дека постојат посебни науки кои ги изучуваат просторот, времето, животот, техниките и технологиите, со што ќе се овозможи и континуитет во изучување на секоја од природните науки. На тој начин учениците ќе се запознаат со овие науки, како одделни дисиплини уште во основно училиште, што ќе им овозможи солидна основа во средното образование. Подобрувањето и унапредувањето на квалитетот во основното образование би требало (по наше мислење) да се насочи кон проблемите од аспект на наградувањето на наставниот кадар, увид во реализацијата на наставниот процес, подобрувањето на условите за реализација на наставата во секое училиште одделно и ослободување на образовниот процес од надворешни влијанија. Понатаму, во концепцијата никаде не се спомнува соработка со педагошките факултети, Природно-математички факултет и другите факултети кои подготвуваат наставен кадар. Нејасно е дали во нацрт концепцијата намерно се пропуштени здруженијата на наставниците по одделни предмети кои се акредитирани од МОН. Ако МОН и БРО на овие здруженија гледаат како на партнери, тогаш многу работи може да тргнат на подобро. Неколку такви здруженија, преку своите активности, веќе со децении го одржуваат нивото на основното и средното образование (овде и во странство) достојно за почит. Не треба да се пренебрегнат ниту блескавите резултати на меѓународните олимпијади што се до денес постигнати на натпреварите по физика, хемија, биологија и географија, ама и по природни науки! Подготовките за тие натпревари ги вршеше тим од наставници од ПМФ. Никој од овие здруженија не бил повикан во тимот за изработка на нацрт стратегијата. За крај, да укажеме дека недостасува проверка на моделот на пилот паралелки. Не би смеело да се отпочне со проектот во сите први и шести одделенија во основните училишта, туку само во одбрани пилот паралелки (од пилот-училишта). Убедени сме дека имаме заедничка цел, а тоа е изработка на концепција која ќе доведе до соодветни и реално изводливи реформи во основното образование насочени кон зголемување на квалитетот на целокупниот образовен систем и создавање на генерации ученици со кои ќе се гордееме. Поради тоа, сметаме дека неминовно треба да бидат вклучени и наставници од Природно-математичкиот факултет кои континуирано работат на истражувања од областа на образованието во секоја од одделните области на природните науки. Во контекст на наведеното, искрено се надеваме на разбирање и почитување на стручноста на наставниот кадар од Природно-математичкиот факултет и кадровскиот потенцијал кој го создаваме повеќе од 70 години и соработка со која ќе покажеме дека сме вистински партнери кон подобро образование. Универзитетски наставници кои предаваат методски предмети од областите на природните науки на ПМФ, УКИМ, Скопје: Проф. д-р Благоја Маркоски (географија) Проф. д-р Оливер Зајков (физика) Проф. д-р Боце Митревски (физика) Проф. д-р Катерина Русевска (биологија) Проф. д-р Марина Стојановска (хемија) __________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки  

Остани поврзан