• понеделник, 23 декември 2024

Реакција на ЕУ на именувањето на Филс-Аиме за нов премиер на Хаити 

Реакција на ЕУ на именувањето на Филс-Аиме за нов премиер на Хаити 

Брисел, 13 ноември 2024 (МИА) - Европската Унија го нотира именувањето на Аликс Дидие Филс-Аиме за премиер на Хаити, соопшти денеска Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). 

- Европската Унија ги повикува Преодниот претседателски совет, новата Влада и сите политички сили да работат итно и решително на враќање на безбедноста, давање приоритет на управувањето и одговорноста и на организирање слободни и фер избори, се наведува во соопштението. 

ЕЕАС посочува и дека ЕУ како долгогодишен партнер на Хаити и главен донатор на хуманитарна помош, останува посветена да му помогне на Хаити во справувањето со неговите тешки предизвици, особено ескалацијата на насилството, несигурноста во снабдувањето со храна и внатрешното раселување на неговите граѓани. 

Филс-Аиме синоќа положи заклетва како премиер на Хаити, должност на која беше именуван од страна на Преодниот претседателски совет. 

По преземањето на должноста, Филс-Аиме вети мерки за враќање на безбедноста во земјата и организирање слободни избори, нагласувајќи дека „иако состојбата е хаотична, ништо не е невозможно“. 

Хаити се соочува со политичка, хуманитарна и безбедносна криза, проследена со насилство на локални банди, при кое само во првите три месеци од годинава беа убиени или ранети околу 2.500 луѓе. 

Со посредство на Организацијата на карипските држави, во април годинава беше формиран Преодниот претседателски совет, составен од претставници на политичките партии, верските заедници, граѓанското општество и бизнис секторот, со задача да избере нови времени политички лидери и да организира избори во државата. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан