• понеделник, 23 декември 2024

Реакции за апсењето на новинарот Фуркан Салиу

Реакции за апсењето на новинарот Фуркан Салиу

Скопје, 7 април 2024 (МИА) – Дел од политичките партии, владини функционери, како и претседателски кандидати, го осудија денешното апсење на новинарот Фуркан Салиу.

Првиот вицепремиер задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, го осуди апсењето на новинарот Фуркан Салиу. Во објава на својата Фејсбук страница, Маричиќ порача дека мора да ја чуваме слободата, бидејќи таа е неотуѓива правдина.

– Денес е Фуркан, утре може да е било кој друг. Режим никогаш повеќе, вели Маричиќ.

Тој во неговата објава нагласува дека државава има доживеано преобразба од период на ограничувања до ера на слобода, истакнувајќи го подобрувањето на Северна Македонија во делот на слободата на медиумите и граѓанските права, во Глобалниот индекс на „Репортери без граници“.

– Дали сме за заробена држава или држава во која се негуваат граѓанските и медиумските слободи и права? Нашата држава доживеа преобразба од период на ограничувања до ера на слобода. Во 2023 година, Северна Македонија се искачи на 38. место во Глобалниот индекс на „Репортери без граници“, покажувајќи значително подобрување во слободата на медиумите и граѓанските права, во споредба со мрачниот период на заробена држава (2013-2016), кога беше на 123 место, вели Маричиќ.

Масовните протести и „Шарената револуција“, Маричиќ вели беа клучни во иницирањето на промените кои следеа, со новата влада која презема значителни мерки за враќање на медиумските и граѓанските слободи.

Според Маричиќ, во периодот од 2013 до крајот на 2016 година граѓанските права и слободи беа згазени со незаконското прислушување на повеќе од 20.000 луѓе.

– Оваа трансформација ја потврдува колективната волја на народот за демократија, покажувајќи дека режимот кој ја потиснува слободата е дел од минатото и дека општеството е единствено кога станува збор за слобода и правда, стои во објавата на Маричиќ.

На апсењето на Салиу реагираше и претседателскиот кандидат на ДУИ Бујар Османи, кој ја осуди, како што кажа, денешната акција против новинарот Фуркан Салиу и побара негово итно ослободување.

-Слободата на говорот е наслов на секое демократско општество!, напиша Османи.

Со реакција излезе и претседателскиот кандидат од Коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, кој преку соопштение истакна дека акцијата за апсење на новинарот е извршена под сомнителни услови, додека ја извршувал неговата професија.

Таравари бара итно ослободување на новинарот Салиу и целосно расчистување на случајот.

– Го осудувам апсењето на новинарот Фуркан Салиу. Според сите докази, неговото апсење е извршено под услови на извршување на неговата професија. Барам што поскоро ослободување на новинарот Фуркан Салиу и расветлување на случајот, се сеќавам и на изјавата на Леке Дукаѓини: Гласникот не е виновен за веста што ја дава! Не го осудувајте Гласникот туку Веста, реагира Таравари.

Од Либерално демократската партија реагираат дека ваквото апсење на новинарот Фуркан Салиу е недозволиво во демократска држава.

– Ваквото недостоинствено апсење на новинарот Фуркан Салиу е недозволиво во демократска држава. Ние како Либерал-демократи посочуваме дека новинарот Салиу ниту некогаш бил обвинет за тероризам, ниту претставувал каква било безбедносна закана за да сведочиме вакво радикално однесување од страна на полицијата, стои во соопштението на ЛДП. ра/нд/

 

Остани поврзан