• сабота, 23 ноември 2024

Расправата за Тодор Витларов да биде уставен судија продолжува попладне на матичната собраниска комисија

Расправата за Тодор Витларов да биде уставен судија продолжува попладне на матичната собраниска комисија
Скопје, 6 септември 2022 (МИА) -  По доцнење од половина час, денеска собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата ја продолжи расправата за предложените кандидати за уставни судии. Продолжи расправата за предлогот Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, да биде уставен судија. Пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ прочита делови од биографијата на обвинителот Витларов, кој, како што рече работи од 1982 година и има 40 години работно искуство. Тој посочи дека ние немаме закон за Уставен суд и додаде дека таков закон предлагаа Хелсиншкиот комитет за човекови права. Имаше предлози, како што рече, од Венецијанска комисија и да се изнајде начин како луѓето да бидат бирани, што се треба да опфати Уставниот суд и кои се неговите надлежности. Ковачки изрази сомнеж дека на матичната комисија ќе помине предлогот Витларов да биде уставен судија. Направи споредба со биографијата и работното искуство на Татјана Васиќ Бозаџиева и Фатмир Скендер, кандидати кои претходно добија поддршка од членовите на Комисијата за уставни судии. Според него, државата повторно ќе добие Уставен суд кој нема да ја отсликува вистинската потреба на системот, туку ќе ја отсликува партиската потреба. Пратеникот Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека изборот на уставни судии е значаен и оти треба да се изберат луѓе со знаење, кредибилитет, авторитет и кои ќе носат правилни одлуки за разни проблематики. Смета дека нивните понудени кандидати се многу подобри, поквалитетни во однос на биографијата и достигнувањата и не може да се споредат со кандидатите на СДСМ. Тој се осврна на состојбата во судството, на довербата на граѓаните во правосудниот систем, на надлежностите на Уставниот суд, на реформите кои, како што рече, ги нема. Според него, нема напредок на државата и судството ако се изберат луѓе кои се лојални на СДСМ и на ДУИ. Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека неприсуството на мнозинството или само еден до двајца пратеници во салата укажува на тоа колку тие се грижат за состојбите во судството. Претседателката на Комисијата за прашања на изборите и именувањата даде пауза од еден час,а седницата треба да продолжи во 13:30 часот. По завршувањето на расправата за Тодор Витларов, пратениците се очекува да ја разгледаат биографијата на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески. Од шестмината кои се предлози од ВМРО-ДПМНЕ, досега е одбиена кандидатурата на универзитетската професорка Родна Живковска. Предлози на опозицијата се и универзитетскиот професор Саво Климовски, судијата во пензија Бранко Секуловски, судијката од Управниот суд Весна Јовановска, обвинителот Тодор Витларов и Војислав Димовски јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид. Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена на четворица им е истечен мандатот. мд/дма/

Остани поврзан