• недела, 22 декември 2024

Расколот меѓу албанските опозициски демократи се зголемува

Расколот меѓу албанските опозициски демократи се зголемува
Тирана, 30 октомври 2021 (МИА) - Растат тензиите и недоразбирањата во редовите на опозициската Демократска партија, кои почнаа откако лидерот Љуљзим Баша од пратеничката група го исклучи историскиот лидер Сали Бериша, јави дописничката на МИА од Тирана. Дел од политичките аналитичари се подлабокиот јаз кој се создава во партијата, не исклучуваат дека ќе заврши со поделба на членството и формирање нова партија. По серијата средби во многу градови, со сопартијци, симпатизери и граѓани, придружуван од повеќе пратеници, Бериша на средбата во Лежа објави дека на 11 декември ќе се одржи Националното собрание на партијата и ја објави кандидатурата за партиски лидер. Додаде дека околу осум илјади делегати се поканети да учествуваат на Собранието што ќе се одржи во Тирана и нагласи дека ќе се разговара за промена на статутот на оваа политичка сила и следствено на тоа разрешување на Љуљзим Баша.                   - Задоволство ми е што од Лежа го најавувам одржувањето на Народното собрание на Демократската партија, што ќе се одржи на 11 декември во Тирана. Баша мора да си оди затоа што соработува со Рама, човекот кој ја создаде најголемата нарко држава, обвини Бериша. За да побара вонредно собрание на партијата потребни му се 1.500 потписи од членови на партијата, што, како што рече, веќе ги собрал. На најавата на Бериша, со видеозапис реагираше Баша, кој порача дека „Албанија не може да остане ничиј заложник“.                   Според него, судбината на Албанците не може да се поврзе со личната и политичката судбина на ниту еден политичар, што имплицира дека се работи за Бериша. - Албанија не може да биде ничиј заложник. Судбината на Албанците не може да се поврзе со личната и политичката судбина на ниту еден политичар, било од левицата или десницата, оценува Баша. Во видеозаписот Баша му се обраќа и на премиерот Еди Рама, порачувајќи му да оди на средбите што ги организира Бериша и заедно со Мета да го направат „Бермудскиот триаголник“, што е првпат да го споменува во негативна конотација шефот на државата, Илир Мета. вт/паг/

Остани поврзан