Рани знаци на хипертироидизам и хипотироидизам
- Препознавањето на симптомите и нивното навремено лекување е од клучно значење. Доколку забележите некој од горенаведените симптоми, препорачливо е да се консултирате со лекар кој ќе ги направи соодветните тестови и ќе ја утврди причината за проблемот.

Скопје, 21 март 2025 (МИА) - Иако тироидната жлезда е мала жлезда што се наоѓа на предниот дел на вратот, нејзината функција има клучна улога во одржувањето на рамнотежата на телото. Тироидната жлезда ги произведува хормоните Т-3 (тријодотиронин) и Т-4 (тироксин), коишто преку крвта се пренесуваат до сите клетки и ја регулираат нивната функција.
Прри нарушување на тироидната жлезда, има различни симптоми и тие се манифестираат на повеќе начини. Препознавањето на предупредувачките знаци на проблеми со тироидната жлезда е важно за навремена дијагноза и третман. Кога, на пр., тироидната жлезда произведува премногу хормони, сите процеси во телото се забрзуваат, предизвикувајќи така различни нарушувања. Тоа се нарекува синдром на хиперактивна тироидна жлезда или хипертироидизам. Најчестите симптоми се:
Тахикардија и срцеви неправилности. Пациентите со хиперактивна тироидна жлезда често имаат забрзан пулс (над 100 отчукувања во минута), па може да доживеат и прекокнување во ритамот на срцето, болка во градите и треперење.
Дигестивни нарушувања. Забрзаното варење може да доведе до дијареа, а некои пациенти може и брзо да ослабат, иако јадат големи количини храна.
Вознемиреност и треперење. Ова се јавува како чувство на немир, трепет на телото, особено на рацете, како и психички немири, анксиозност, фобии и намалена концентрација.
Проблеми со видот. Заматен вид, двојна слика, пецкање во очите и тешкотии со затворање на очните капаци - се само дел од симптомите кои укажуваат на хипертироидизам.
Проблеми со спиењето. Лош сон, отежнато заспивање и прекинат сон се, исто така, вообичаени симптоми.
Губење на влакната. Се јавува како паѓање на косата, но и веѓите, трепкитеитн.
Менструални неправилности и намалена плодност. Жените може да забележат неправилности или зголемена опасност од прекин на бременоста.
Промени на кожата и ноктите. Кожата може да стане сува, а ноктите - кревки и кршливи.
Намалената работа на тироидна жлезда е позната како хипотироидизам. Тоа предизвикува забавување на телесните функции. Симптомите на хипотироидизам вклучуваат:
Поспаност и замор. Луѓето со слаба тироидна жлезда често се чувствуваат исцрпени и поспани, дури и по квалитетен сон.
Намалена концентрација. Помалата способност за сосредоточеност може да доведе до послаби резултати на училиште, работа итн.
Зголемување на телесната тежина. Задржување на течности во телото, отечени очни капаци и раце, како и зголемување на телесната тежина, често се поврзуваат со хипотироидизам.
Проблеми со циркулацијата. Чувството на забрзано срце и покачен крвен притисок може да се појави дури и при мирување.
Запек и варење. Бавното варење доведува до запек. Се јавува и се намалува.
Менструални неправилности и губење на либидото. Жените со хипотироидизам може да забележат неправилни циклуси, а и послабо либидо и слаба плодност може да бидат знаци.
Ментални проблеми. И депресија, анксиозност, намалена интелектуална функција и промени во расположението може да се појават како резултат на слаба тироидна жлезда.
Губење на косата и промени на кожата. Како и хипертироидизмот, и хипотироидизмот, исто така, предизвикува опаѓање на влакната и промени на кожата, којашто станува сува, испукана итн.
Очни нарушувања и пецкање во телото. И двојно гледање, трнење во телото, чувство на „грутка“ во грлото, отежнато голтање и проблеми со дишењето - се дел од последиците.
Проблемите со тироидната жлезда, без разлика дали станува збор за хипертироидизам или хипотироидизам, може значително да влијаат на здравјето и квалитетот на животот. Препознавањето на симптомите и нивното навремено лекување е од клучно значење. Доколку забележите некој од горенаведените симптоми, препорачливо е да се консултирате со лекар кој ќе ги направи соодветните тестови и ќе ја утврди причината за проблемот.
Со навремена интервенција може да се спречат посериозни здравствени компликации и да се врати рамнотежата во тело. си/
Фото: МИА архива