• сабота, 23 ноември 2024

„Рамо до рамо до победа“ во Неготино, Босилово, Росоман, Кавадарци, Василево, Крушево и Долнени

„Рамо до рамо до победа“ во Неготино, Босилово, Росоман, Кавадарци, Василево, Крушево и Долнени

Скопје, 15 мај 2023 (МИА) - Караванот „Рамо до рамо до победа“ на СДСМ вечерва беше во Неготино, Босилово, Росоман, Кавадарци, Василево, Крушево и Долнени.

Заменик претседателката на СДСМ Сања Лукаревска која заедно со членката на ИО Ивона Кузмановиќ беше со граѓаните на Неготино истакна дека економските политики што СДСМ ги спроведува даваат реални и видливи резултати.

- СДСМ има резултати што прават разлика. И тоа на секое поле. Денеска имав можност да посетам една домашна компанија која е пример за успешно функционирање, компанија која е општествено одговорна кон својот град и кон своите сограѓани и драго ми е што во овој Вардарски дел функционираат доста успешни и реномирани компании. Голем дел од овие компании се поддржани преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Тоа е доказ дека со резултатите успеавме да создадеме добра деловна клима што нуди можности за нови инвестиции во секој дел од државата. Придобивките од таквиот однос кон компаниите ги гледаме на дело. Невработеноста значително ја намаливме, но истовремено ја зголемивме вработеноста, се отвораат нови добро платени работни места, рече Лукаревска.

Претседателката на Форумот на жени на СДСМ Јована Тренчевска, пак, беше во посета на општина Босилово.

- СДСМ зад себе има резултати на секое поле, но можеби најочигледни се резултатите што ги постигнавме во социјалната заштита и во унапредување на стандардот на граѓаните. Просечната плата која беше едвај девет илјади денари, денес е 20 175 денари, додека просечната пензија ја зголемивме за 60 отсто, но воведовме системски решенија со кои и минималната плата и пензиите ќе растат постојано, без тоа да зависи од нечија политичка волја. Трајно ги обезбедивме стечајните работници, ја зголемивме гарантираната минимална помош и воведовме државна социјална пензија. Тоа, на дело значи вистинска грижа за секој граѓанин, порача Тренчевска.

Членката на ЦО Славјанка Петровска беше меѓу граѓаните на Долнени.

-СДСМ постојано покажува што значи вистинска грижа за државата и за граѓаните. На надворешен план успеавме да ја реализираме целта за полноправно членство во НАТО и веќе започнавме преговори со ЕУ. На домашен план инвестиравме во се она што е важно за граѓаните, ги зголемивме платите и пензиите, отворивме нови работни места, а вие земјоделците, тутунарите знаете дека сега субвецниите се исплаќаат навремено, неселективно и во рекордни износи. Тоа е вистинска грижа со која ќе продолжиме и понатаму, нагласи Петровска.

Со граѓаните на Кавадарци се сретна потпретседателот на СДСМ Фатимир Битиќи, кој заедно со Кети Василевска се осврна на економските политики на Владата предводена од СДСМ, мерките со кои државата лани, како што истакна, привлече рекорден износ на странски директни инвестиции во износ од 753,8 милиони евра.

-На дело покажавме дека сме посветени и истрајни во нашата намера на транспарентен начин да ги поддржуваме домашните компании, истакна Битиќи, додавајќи дека тоа придонесува за унапредување на производството, конкурентноста и отворањето на нови работни места, рече Битиќи.

Во општина Росоман беше членот на Комисијата на СДСМ за земјоделство Гоце Георгиевски кој пред присутните порача дека СДСМ заедно со земјоделците активно вложува во аграрот повикувајќи ги земјоделците да аплицираат на јавниот повик со кој можат да добијат десет илјади евра грант за модернизација на земјоделското производство.

Во Крушево беа Хари Локвенец и Борче Петковски кои порачаа дека оваа Влада на СДСМ како никоја претходно вложува во патната и железничка инфраструктура во секое населено место, додавајќи дека со изградбата на коридорите 8 и 10 Д конечно државата целосно ќе се поврзе и на линијата Исток – Запад. мс/цр

Фото:СДСМ

Остани поврзан