• среда, 25 декември 2024

Работен појадок на министрите за надворешни работи на ПСЈИЕ во Њујорк

Работен појадок на министрите за надворешни работи на ПСЈИЕ во Њујорк

Скопје, 21 септември 2023 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во својство на претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), бил домаќин на работен појадок на министрите за надворешни работи на земјите членки на иницијативата, одржан во рамки на Генералното собрание на Oбединетите нации во Њујорк. Настанот бил организиран во соработка со Советот за регионална соработка (СРС).

Како што информира Министерството за надворешни работи, дебатата била фокусирана на европскиот интеграциски процес на земјите од Југоисточна Европа, „гледано преку призма на континуираната руска агресија врз Украина, која има длабоко влијание врз безбедноста и стабилноста на европскиот континент“. 

-Осврнувајќи се на мотото на претседавањето на Северна Македонија со иницијативата - „Премостување поделби, градење доверба“, Османи направи осврт врз приоритетите на нашето претседавање. Меѓу другите, зајакнувањето на демократијата, помирувањето, регионалната соработка и забрзувањето на евроатлантските интеграции. Со оглед дека ПСЈИЕ е најсеопфатна регионална иницијатива во Југоисточна Европа, Османи ја потенцира неопходноста од заеднички ангажман, за сите прашања од витален интерес за регионот, соопшти МНР.

Пред присутните колеги и гости, Османи го претставил концептот „Повеќе интеграција пред членство“ за кандидатите и потенцијалните кандидати за влез во ЕУ, кој предвидува конкретни придобивки додека трае преговарачкиот процес пред формалното членство. 

-Очекуваме Европската Унија наскоро да излезе со нов план за раст кој треба да ни помогне како кандидати да го заживееме процесот, да го поттикнеме економскиот раст и да ги забрзаме реформите кои, исто така, се скапи за имплементација. Целта е нашите економии да имаат поголем економски раст, за што е потребна поддршка на земјите членки на ПСЈИЕ, кои се и членки на ЕУ, како и прогресивна интеграција во eдинствениот пазар, проследено со зголемено учество во институциите на ЕУ, нагласил Османи.

Северна Македонија е претседавач со ПСЈИЕ во периодот 1 јули 2023 – 30 јуни 2024, што е трето претседавање по оние од 2000-2001 и 2012-2013 година.

-ПСЈИЕ е трета важна иницијатива со која Северна Македонија претседава оваа година, додава МНР во соопштението. хс/аа/

Фото: Министерство за надворешни работи 

 

Остани поврзан