• петок, 26 јули 2024

Пуштен во употреба нов мултифункционален спортски терен во кривопаланечкото село Мождивњак

Пуштен во употреба нов мултифункционален спортски терен во кривопаланечкото село Мождивњак

Крива Паланка, 13 ноември 2023 (МИА) - Во кривопаланечкото село Мождивњак денеска беше пуштен во употреба нов мултифункционален спортски терен. Проектот е во вредност од 7.000.000 денари  средства од Агенцијата за млади и спорт како дел од проектот за изградба на десет вакви спортски терени во државата.

-За младите што и денес ги гледам во голем број на овој терен, навистина правиме сѐ што е во наша моќ да овозможиме да спортуваат непречено, да се развиваат нивните таленти и знаејќи дека имаат потенцијал вложуваме во проекти за подобрување на условите за спорт и рекреација, рече директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.

Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски истакна дека и овој проект е еднакво вреден како и големите капитални проекти, како експресниот пат Ранковце - Крива Паланка во вредност од 100.000.000 евра и потенцираше дека се вложува во целиот источен регион на државата. 

-Во Мождивњак се вложува и во останати  значајни проекти, со сите програми на Владата во нашиот фокус е развој и унапредување на секое населено место, а особено во овој Североисточен регион што беше неправедно запоставен. И утре на седницата на Владата очекувам повторно нови проекти, одобрени средства за Крива Паланка, зашто и градоначалникот и администрацијата секогаш имаат уредно подготвени проекти и апликации. Им честитам на жителите на Мождивњак за новиот терен и посакувам постојано да биде исполнет со млади, овде да се организираат многу настани на кои ќе присуствувавме заедно, рече Николовски.

Градоначалникот Сашко Митовски нагласи дека Крива Паланка е општина пријател на спортот. Потенцираше дека само оваа година се реализирани два проекти за спорт со поддршка од АМС, фитнес зона на отворено и ова повеќенаменско игралиште, два проекти со кои се инвестирани десет милиони денари, покрај останатите вложувања во спорт и поддршка на спортски работници од Крива Паланка што директно од општинскиот буџет се реализира.

-Мождивњак заслужува ваков терен и моите заложби беа големи токму тука да се реализира овој проект, зашто оттука потекнуваат и фудбалски таленти, тука живеат сѐуште маалската дружба и малиот фудбал, а покрај во спорт, тука реализиравме повеќе инфраструктурни проекти во изминатите две години и следуваат инвестиции во рехабилитација на патот од клучката со магистралниот пат и во нова водоводна мрежа за решавање на проблемот со недостиг од вода за пиење во летниот период, рече Митовски.

На теренот ревијален натпревар одиграа младите фудбалери од ФК „Академија Осогово", Крива Паланка.ид/фф/

Фото: Општина Крива Паланка 

Остани поврзан