• понеделник, 16 декември 2024

Пуштено во употреба пациото во НУ Завод и Музеј-Битола

Пуштено во употреба пациото во НУ Завод и Музеј-Битола

Битола, 19 октомври 2023 (МИА) - Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, евроамбасадорот Дејвид Гир и градоначалникот Тони Коњановски, вечерва во Битола присуствуваа на свечено отворање на реконструираниот простор – пацио, кое е во состав на НУ Завод и Музеј-Битола.

Во изминатиот период институцијата изврши инфраструктурни зафати во овој дел од објектот каде што се поставени нова инсталација, одвод, гранитни плочи и коцки, но и пристапни рампи за лица со попреченост, истакна министерката Костадиновска Стојчевска и додаде дека просторот сега е претворен во лапидариум каде што се поставени 15 мермерни скулптури со соодветно осветлување кои досега не биле презентирани пред јавноста, како и споменици од различни временски периоди откриени на Хераклеја и на други наоѓалишта.

-Морам да истакнам дека станува збор за уште еден успешен проект што  Заводот и музеј Битола го реализира со грант од ИПА-програмата во рамките на проектот „Смарт фор ју ту“ (SMART4YOU2), кофинансиран од страна на ЕУ и Министерството за локална самоуправа. Целта на проектот е афирмација на културните вредности што ги поседува регионот со прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Албанија, а тоа ќе придонесе за зацврстување на културната соработка, како и за развој на туристичките потенцијали меѓу општините Битола, Корча и Пустец. Заводот и музеј Битола е една од институциите што има најголема искористеност на европските фондови во доменот на своето дејствување во насока на заштита, конзервација и унапредување на состојбата на локалитетот Хераклеја, како и други проекти на Заводот и музеј Битола, нагласи Костадиновска Стојчевска. 

Министерство за култура, континуирано поддржува повеќе проекти и активности на Заводот и музеј Битола во рамките на Годишната програма, а за реализацијата на проектите, од особено значење е и поддршката од европските фондови што се потврдува и со реализацијата на овој проект.  

-Верувам дека и во иднина ќе се следи позитивниот имиџ на негување на европските културни вредности за интегрирање во европското семејство. Токму преку реализацијата на сегашните и на идни координирани проекти значајно ќе се придонесе за заштита на културното наследство и за подобрување на квалитетот на туристичката понуда. Ваквите проекти се од особено значење за поддржување заеднички активности и за размена на знаење и вештини меѓу експертите и младите студенти идни конзерватори, посочи Костадиновска Стојчевска. мт/свс/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан