• понеделник, 23 декември 2024

Пуштено во употреба метрото во Солун

Пуштено во употреба метрото во Солун

Атина, 30 ноември 2024 (МИА) – По речиси 18 години од почетокот на изградбата, метрото во Солун од денеска е во функција, а беше пуштено во употреба, откако грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во присуство на претседателката Катерина Сакеларопулу и надлежните министри, симболично го притисна копчето за почеток со што тргна и првото метро, јави дописничката на МИА од Атина.

Претходно се одржа свечена церемонија со присуство на државниот врв, додека пак пред дел од метро станиците беа насобрани граѓани кои и покрај дождот, чекаа да се отворат станиците за да го видат метрото и да се повозат.

Главната линија на метрото е во должина од 9,6 километри со два независни тунели со една насока, има 13 модерни станици, ќе сообраќаат 18 најсовремени автоматски метроа без возач, но со придружник, максималниот капацитет е 18.000 патници на час во еден правец.

Процените се дека дневниот патнички сообраќај ќе биде околу 240.000 патници, но и дека на солунските улици секојдневно ќе сообраќајот 57.000 возила помалку.

Со метрото, за 17 минути ќе се стигнува од едниот на другиот крај на градот, билетот ќе чини 60 центи и ќе важи 70 минути.

Дополнително, на станиците ќе бидат вклучени и археолошките откритија пронајдени за време на изградбата, а на станицата „Венизелос“ се на површина од 1.260 метри квадратни, со што, како што информираа од грчката Влада е меѓународно најголемиот археолошки локалитет вклучен во голем технички проект.

Во ноември 2025 година ќе се заврши продолжувањето на метрото до Каламарија, што на мрежата ќе додадат уште 4,8 километри железничка пруга и пет нови станици. ср/ми/

Остани поврзан