• среда, 25 декември 2024

Пуштени во употреба сензорни соби во две основни училишта во Кисела Вода

Пуштени во употреба сензорни соби во две основни училишта во Кисела Вода
Скопје, 19 мај 2022 (МИА) - Пуштени се во функција двете сензорни соби кои ги опреми Општина Кисела Вода во соработка со „Биотек“. Со тоа, децата со посебни потреби во основните училишта „Кузман Шапкарев” и „Кузман Јосифовски Питу”, добија просторија која е прилагодена со реквизити, посебни материјали и сензорно осветлување, кое докажано има смирувачко дејство, соопшти Општина Кисела Вода. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и управитеката на „Биотек ДОО” Анкица Синадинова Базерко денеска го посетија ООУ „Кузман Шапкарев“, каде од страна на Анета Милошова, специјален едукатор и рехабилитатор, им беше презентиран методот на кој од сега ќе може да се работи со децата со попреченост. - За само два месеци ја завршивме првата фаза од проектот за опремување на сите основни училишта со сензорни соби. Вакви простории кои целосно ги опремивме со реквизити, со сензорно осветлување, со материјали кои ги смируваат децата со попреченост, отворивме во две училишта, во ООУ „Кузман Шапкарев” во населбата Драчево, каде се наоѓаме денеска и во „Кузман Јосифовски Питу”. За една година дечињата со посебни потреби кои се вклучени во редовната настава ќе имаат ваков простор и во сите останати училишта на територија на општина Кисела Вода, најави градоначалникот. Додаде дека проектот за реконструкција на ООУ „Кузман Јосифовски Питу”, каде е изградена втората сензорна соба, е во напредна фаза и оти по завршувањето на градежните активности тоа ќе биде првото скопско основно училиште кое ќе биде целосно инклузивно. - Водејќи се од грижата за лицата со посебни потреби и желбата да се обезбеди поубава иднина за сите деца, ја прифативме иницијативата на Општина Кисела Вода и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за соработка од која денес гледаме убави резултати. Покажувањето на општествена одговорност, посебно во вакви проекти кои имаат висока, хумана цел, е една од премисите по кои функционира компанијата „Биотек”. Оттука, се надеваме дека и во иднина ќе имаме можност да помагаме и да бидеме дел од вакви убави и успешни приказни, изјави Синадинова Базерко. Во „Кузман Шапкарев“, настава посетуваат 24 ученици со посебни потреби, а сензорната соба ќе ја користат и осумте дечиња од подрачната единица на  ОУРЦ „Д-р Златен Сремeц”. Во ООУ „Кузман Јосифовски Питу”, во редовниот наставен процес се вкучени девет ученици со попреченост. мс/лв/       .

Остани поврзан