• четврток, 26 декември 2024

Пуштена во употреба спортска сала за oсновното училиште во тетовско Јегуновце 

Пуштена во употреба спортска сала за oсновното училиште во тетовско Јегуновце 

Тетово, 19 август 2021 (МИА) - Во употреба денеска беше пуштена новоизградената спортска сала за општинското основно училиште „Александар Здравковски“ во селото Јегуновце во истоимената тетовската општина. На настанот присуствуваа премиерот Зоран Заев, министерката за образование и наука Мила Царовска и градоначалникот Дарко Блажески.

-На површина од 650 метри квадратни, спортската сала се состои од терен за повеќе спортови, две канцеларии за наставници, две соблекувални за машки и женски ученици и е комплетно опремена со спортска опрема и реквизити за играње и изведба на повеќе спортови и спортски активности како кошарка, гимнастика, одбојка и други спортови. Има дел и опрема за здравствено образование и следење на физичкото здравје на учениците што е од исклучителна важност за комплетниот развој на децата, За нас како Влада вложувањето во спортските објекти особено во училиштата е исклучително важен фактор за развојот на прогресивно и инклузивно општество како што е нашето.  Во ова училиште, во кое учат околу 220 ученици до деветто одделение ги создадовме сите потребни услови за современа образована и спортска средина со што се јакне квалитетот на живот на младите генериации, истакна премиерот Заев.

Министерката Царовска истакна дека Владата е насочена кон развојот на целокупното образование.

-Оваа спортска сала директно ќе влијае на подобрување на условите за учење и спортување, но и за условите за практикување на спорт што директно го подобрува здравјето на учениците. Псоветени сме во унапредување на образованието и тоа значи подобрување на три столбови. Прво, инвестирање во подобри програми, за кои јавно дебатираме, а кои од 1 септември треба да почнат со имплементација. Втората работа се квалитетни наставници на кои им се нуди дневна поддршка. Трета работа е инфраструктурата-ако условите се добри и мотивацијата е поголема кај наставниците и учениците. Ако со години се инвестираше во стиропор оваа Влада директно инвестира во училиштата, рече Царовска.

Градоначалникот Блажески истакна дека финализирањето на овој голем капитален проект е од особена важност за граѓаните на Општина Јегуновце.

-Сонот за повеќенаменска сала е веќе реалност. По повеќе децении добиваме објект за спорт и рекреација, првенство за ученици, но и за користење за жителите на општината.  Пуштањето во употреба е на заедничка радост, со моја заложба и помош на Владата, МОН успеавме да изградиме современа спортска сала. Пред четири години ветив спортска сала и тоа ветување е исполнето. Повеќенаменски објект е, уреден со реквизити, спортска инфраструктура според најсовремените стандарди за спорт, изјави Блажески.

За изградбата на оваа спортска сала се искористени 23 милиони денари во рамки на проектот за изградба на 145 спортски сали. Од нив 30 се во средни и 60 во основните училишта веќе изградени, а седум во се во изградба. ас/мд/

Остани поврзан