• сабота, 28 декември 2024

Пуштена во употреба нова инвестиција на „Алкалоид“ вредна 1,3 милиони евра

Пуштена во употреба нова инвестиција на „Алкалоид“ вредна 1,3 милиони евра
Скопје, 29 јуни 2022 (МИА) - Пуштена е во употреба нова инвестиција во магацински простор за фармацевтски суровини и за примарна амбалажа вредна 1,3 милиони евра. Официјалното примопредавање на оваа инвестиција беше извршено од страна на генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ Живко Мукаетов и директорот за логистика и магацини Зоран Костовски во присуство на вработени и членови на управните тела на компанијата. Во складишните капацитети на „Алкалоид АД“ Скопје се вработени вкупно 120 извршители. - Новиот магацин за фармацевтски суровини и за примарна амбалажа, на чија изведба се работеше околу 15 месеци, е дел од дваесетгодишниот инвестициски план за развој на ПЦ Фармација, кој се реализира со интензивно темпо и во услови на криза. Најновата инвестиција на „Алкалоид АД“ Скопје во магацински простор за фармацевтски суровини и за примарна амбалажа претставува современо и безбедно складишно решение, изведено согласност препораките за добра производствена пракса за магацинско работење, со законските прописи за чување фармацевтски производи и со фармацевтскиот систем за квалитет, соопштија од „Алкалоид“. Новиот објект, посочуваат оттаму, се простира на површина од вкупно 1,620 м2 и опфаќа: магацински простор за фармацевтски суровини; подрумски простории опремени со специјални ладилни соби наменети за суровини за кои се неопходни посебни услови за чување, температура и влага; административни простории и технички кат. За потребите на овој објект, додаваат од „Алкалоид“, изградена е нова пристапна рампа за камиони, а проектирани и изградени се нови внатрешни сообраќајници, целосно приспособени за непречена и за безбедна комуникација на новиот магацин со производствените објекти. - Со реализацијата на оваа инвестиција во ПЦ Фармација, целосно е осигурено најсовремено управување со суровините и производите и безбедна логистика на процесите – од прием на фармацевтските суровини до испорака на лековите до веледрогериите и до крајните корисници. Магацинот располага со вкупно 800 палетни места за суровини, опремен е со најсовремен систем за климатизација, ладилни комори, системи за гасење пожар, како и со машини за хоризонтален и за вертикален транспорт, се вели во соопштението. мс/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан