Путин: Денешниот напад е одмазда за украинските напади со ATACMS
- Путин додаде дека руското производство на напредни ракетни системи го надминува производството на НАТО десеткратно, со планови за понатамошно зголемување.
Москва, 28 ноември 2024 (МИА) - Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека денешниот напад врз украинската енергетска инфраструктура низ целата земја е одговор на претходните украински напади со американски ракети ATACMS врз Курската област.
Руските напади во текот на ноќта оставија стотици илјади Украинци без струја, соопштија регионалните власти денеска, откако Киев предупреди за „масовен“ руски напад врз украинската енергетска инфраструктура.
Путин потврди дека Русија лансирала речиси 200 дронови и ракети од различни типови кон Украина.
- Русија ги одбира целите во Украина, кои можат да вклучуваат центри за донесување одлуки во Киев, како одговор на украинските напади со западно оружје со долг дострел врз руска територија, изјави тој.
Путин додаде дека руското производство на напредни ракетни системи го надминува производството на НАТО десеткратно, со планови за понатамошно зголемување.
Русија досега не целела владини згради во главниот град на Украина, но Путин нагласи дека рускиот хиперсоничен проектил „Орешник“, кој првпат беше лансиран кон градот Дњепар минатата недела, не може да биде пресретнат.
Русија тврди дека Украина за првпат истрелала американски балистички ракети ATACMS на 19 ноември врз западна Русија, по што два дена подоцна одговорила со лансирање на „Орешник“ кон Дњепар. ссм/
фото: ЕПА