Путин го потпиша предлог-буџетот за 2025 година, рекордно издвојување за армијата
- За одбранбениот сектор во 2025 година ќе бидат издвоени 13,5 трилиони рубљи (повеќе од 145 милијарди долари), или околу 32,5 отсто од буџетот, објавено е денеска на веб-страницата на Владата.
Москва, 1 декември 2024 (МИА) - Рускиот претседател Владимир Путин го одобри буџетот на Руската Федерација за периодот од 2025 до 2027 година, што главно е фокусиран на издвојувањата за војската, соопштено е денеска на официјалната интернет страница за објавување на руските правни акти.
Руската влада го претстави нацрт-буџетот како „урамнотежен“, при што проектираниот дефицит падна на 0,5 отсто во однос на годинашниот, што беше проектиран на ниво од 1,7 отсто, пренесуваат руските медиуми.
Исто така, се предвидува дека државниот долг на Русија ќе остане под границата од 20 проценти во следните три години.
Руската влада објави дека буџетски приоритет останува финансирањето на специјалната воена операција во Украина и поддршката за војската, заедно со технолошкиот развој и социјалните потреби.
За одбранбениот сектор во 2025 година ќе бидат издвоени 13,5 трилиони рубљи (повеќе од 145 милијарди долари), или околу 32,5 отсто од буџетот, објавено е денеска на веб-страницата на Владата.
Тоа е значително зголемување од овогодинешните 28,3 отсто од воениот буџет.
Војната на Русија против Украина, што почна на 24 февруари 2022 година, е најголемиот конфликт во Европа од Втората светска војна и ги исцрпи ресурсите на двете страни.
Киев добива милијарди долари помош од своите западни сојузници, но руските сили се поголеми и подобро опремени, а во последните месеци руската војска постепено ги истуркува украинските сили во источните области.сд/
фото: МИА архива