• сабота, 23 ноември 2024

Проштална средба на Османи со шведската амбасадорка Форсгрен Бенгтсон

Проштална средба на Османи со шведската амбасадорка Форсгрен Бенгтсон
Скопје, 24 август 2022 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска  оствари проштална средба со амбасадорката на Шведска, Кристин Форсгрен Бенгтсон, на која изрази благодарност за нејзиниот континуиран ангажман во насока на интензивирање на билатералната соработка помеѓу двете пријателски земји за време на нејзиниот мандат.

Како што соопшти МНР, во рамки на разговорот, министерот Османи ја потенцираше важноста на шведската развојна поддршка за реформските процесите во Северна Македонија, особено во областа на владеење на правото, демократизација на општеството, развивање на пазарна економија, како и заштита на животната средина и ублажување на негативните последици од климатските промени.

Воедно, се додава во соопштението, Османи се заблагодари за принципиелната и конзистентна шведска поддршка за брз и мериторен напредок во пристапниот процес на Северна Македонија кон полноправно членство во Унијата, особено имајќи го во предвид претстојното шведско претседавање со Советот на Унијата во првата половина од 2023 година.

Дополнително, министерот Османи информираше дека Северна Македонија ги депонираше во Стејт департментот на САД, инструментите за ратификација на протоколите за членство на Шведска и Финска во НАТО, со очекување процесот целосно да се заокружи и што поскоро приклучување на двете земји како полноправни членки во Алијансата, стои во соопштението. вг/сп/

Остани поврзан