• сабота, 23 ноември 2024

Процедура и подготовки пред почетокот на седницата на собраниската Комисија за уставни прашања

Процедура и подготовки пред почетокот на седницата на собраниската Комисија за уставни прашања

Скопје, 21 јули 2023 (МИА) - Собраниската Комисија за уставни прашања во вторник ќе ја започне првата седница со единствена точка на дневниот ред - Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија. 

Претседателот на Собранието Талат Џафери, кој по функција е претседател на оваа Комисија, ќе ја отвори седницата, а по усвојувањето на дневниот ред Предлогот треба да биде образложен од страна на предлагачот, по што се очекува да се отвори дебата од страна на пратениците.

Пратеничките групи најавуваат дека ќе го искажат својот став во однос на промената на Уставот односно Преамбулата, вклучувајќи ги и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

За МИА од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека пратениците ќе учествуваат во дебатата, каде јасно ќе ги кажат аргументите против уставните измени и набргу ќе стане јасно дека за нив власта нема мнозинство. 

Членот 196, став 2 од Деловникот за работа на Собранието предвидува претресот по предлогот за пристапување кон измена на Уставот во Комисијата за уставни прашања да трае најмногу десет работни дена. Член на Комисијата за уставни прашања и пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно. 

Според соопштението од Собранието, со оглед на тоа што 2 Август е неработен ден, а за 27 јули веќе е закажана седницата за пратенички прашања, се очекува работата на Комисијата за уставни прашања да заврши меѓу 7 и 9 август. По што, како што стои во членот 196 став 1 од Деловникот, за предлогот за пристапување кон измена на Уставот, на седницата на Собранието се води претрес во целина кој може да трае најмногу десет работни дена. Пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати но не повеќе од 30 минути вкупно. 

Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја носи со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници односно со 80 гласови. Доколку го нема потребното мнозинство, постапката не може да продолжи.

Ако со двотретинско мнозинство, се усвои потребата за донесување на уставни измени, Собранието усвојува заклучок и го праќа материјалот до Владата. Собранието, со заклучокот утврдува рок во кој подносителот односно Владата, изготвува текст на нацртот на амандманите на Уставот, кој го доставува до претседателот на Собранието, по што Собранието во истоветна процедура во смисла на рокови ќе расправа по нив, соопшти парламентарната прес служба.

Тоа веќе е втората фаза од постапката за менување на Уставот што опфаќа подготовка и утврдување на нацрт-амандманите.

Деловничките рокови нормираат дека од моментот на доставување на нацрт-амандманите во Собранието до одржување на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена. Во оваа фаза, претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена и во Комисијата и на пленарната седница, но повторно – бидејќи секој пратеник може да зборува вкупно не повеќе од 20 минути оваа фаза може теоретски да заврши побрзо од максимално дозволените рокови.

Откако Парламентот со најмалку 61 глас ќе ги утврди нацрт-амандманите, тие одат на јавна дискусија, што е меѓуфаза пред третата завршна етапа од постапката за измена на Уставот. По јавната дискусија, чие времетраење го утврдува Собранието при усвојување на нацрт-амандманите, Владата ќе треба да ги изготви предлог-амандманите. И повторно, од моментот на доставување на предлог-амандманите во Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.

Деловникот предвидува точни рокови за претрес во Законодавно-правната и Комисијата за уставни прашања, како и на пленарната седница.

Конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со најмалку 80 гласа, а за амандманот на Преамбулата освен двотретинско, потребно е и Бадентерово мнозинство.

Ако постапката се одвива според најкусите можни рокови, за финализирање на трите фази ќе требаат најмалку три и пол месеци. ев/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан