• сабота, 23 ноември 2024

Професорката Билјана Ванковска претседателски кандидат на Левица (ДПЛ)

Професорката Билјана Ванковска претседателски кандидат на Левица (ДПЛ)

Скопје, 7 февруари 2024 (МИА) - Професорката Билјана Ванковска ќе биде кандидат на партијата Левица за претседателските избори. Ова го соопшти на денешната прес-конференција претседателот на Левица, Димитар Апасиев. 

-Денес е голем ден за нас како Левица и првпат обзнануваме наш претседателски кандидат, а тоа е професорката Билјана Ванковка и мислам дека го имаме најдобриот кандидат. Сметаме дека партијата го достигна нивото и дека ќе го полага матурскиот испит со собирање на 10.000 потписи, рече Апасиев.

Лидерот на Левица додаде дека тој и сопартијците како млади политичари чувствувале должност да излезат со свој кандидат за претседателски избори.

-Сметаме дека е дојдено времето народот да препознае кој се бори чесно за интересите на Македонија. Дека со избор помеѓу двете помали зла стигнавме до ова дереџе и мислам дека ние како млада генерација на атипични политичари чувствуваме должност да извадиме кандидат за претседателски избори. После нашите внатрепартиски анкети каде што имаше повеќе имиња во игра, најдобриот скор го имаше професорката Ванковска. Фрламе ракавица на мејнстрим буржоаските партии кои ќе се натпреваруваат со нас, додаде тој.

Професорката Ванковска се заблагодари на партијата Левица за довербата и одговорноста за заеднички настап на овие претседателски избори. Потенцира дека се чувствува како дел од тимот иако, како што рече, не е член на партијата.

-Мојата основна функција и мисија е професорската и таа останува. Меѓутоа, дел од вас ќе се сети дека пред десет години, јас се обидов како независен кандидат да влезам во оваа постапка – на собирање 10.000 потписи без никаква организациска и финансиска поддршка, со волонтери кои беа повикани преку социјалните медиуми. За мене, тоа беше едно многу позитивно време на кое се сеќавам со многу топлина и благодарност кон еден голем број на млади луѓе кои се придружија, рече таа.

За тоа зошто по една деценија повторно излегува на истиот терен, рече дека оттогаш многу нешта се смениле.

-Овојпат нема да бидам политичка манекенка или случаен минувач во политиката. Овојпат сум навистина со многу поголема самодоверба дека сега постои еден тим, веруваеле или не, дел од овој тим беше дел од мојот тим пред 10 години. Во меѓувреме, оваа генерација на млади и борбени политичари направи политичка партија за респект. Ќе ги извадиме ракавиците, помина времето на политичката коректност. За 10 години, Македонија е сѐ што немаме. За 10 години, Македонија е во многу лоша ситуација, порача Ванковска.

Верува дека ќе има добри кандидати со кои, како што рече, ќе може навистина да си ги одмерат аргументите. Мојот интелектуален предизвик, рече таа, е дека имам чувство оти ќе се најдам сама против сите. Посочи дека е свесна оти ова ќе биде многу тешка кампања, но и „валкана кампања и со шпекулации“. 

Таа додаде дека ако ништо друго не успее да постигне барем, како што рече ќе ја збогати дебатата и ќе ги натера неговите противкандидати да опонираат а притоа меѓу себе да се разликуваат за да добијат поддршка секој за себе.

Според Ванковска, земјава тоне во бермудски триаголник.

-Триаголникот има три агли, а ние имаме три договори кои ја влечат да тоне во политичка, демократска, идентитетска и секаква друга смисла. Години подоцна, од првиот договор, Рамковниот, па до овој последниот, па и ова што ни виси над глава со уставните промени што ги бара Бугарија, се елементи кои не даваат надеж или шанса да веруваме дека ќе испливаме или дека ќе тргнеме кон подобро утро. Ова е крајно време да се сврти нов лист, рече таа.

Ванковска, одговарајќи на новинарски прашања рече извор на проблемите е Уставот, кој го спореди со фустанот на Пепелашка.

-Тој личи повеќе на на фустанот на Пепелашка, кој е целиот од крпеници од разно разни амандмани кои секој ги толкува како што сака, смета Ванковска.

Првиот круг претседателски избори во државава ќе се одржи на 24 април, додека вториот круг на 8 мај, заедно со парламентарните избори. фф/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан