• петок, 08 ноември 2024

Против државата се водат арбитражни постапки во вредност од 1,365 милијарди евра, последните две покренати во јули и август

Против државата се водат арбитражни постапки во вредност од 1,365 милијарди евра, последните две покренати во јули и август

Скопје, 25 август 2023 (МИА) – Против државата во моментов се водат арбитражни постапки со проценета вредност од 1,365 милијарди евра. Сите постапки се за периодот пред 2017 година кога се настанати наводните прекршувања на меѓународните договори за заштита на инвестиции, информира денеска вицепремиерот економски прашања Фатмир Битиќи.

Во моментов има пет активни арбитражни постапки кои се водат против државата, а две се завршени во наша корист и нема штета. Во еден од предметите дури е исплатен надомест кон државата од три милиони евра.

-Несовесното раководење, договорите во четири очи, негрижата за јавното добро и години на владеење на тогашното ВМРО-ДПМНЕ ја изложуваат нашата држава на ризици и парите на нашите граѓани наместо да бидат употребени за развојни проекти сега ќе треба да се користат за одбрана на државата и нејзините интереси пред меѓународните спорови, рече Битиќи на денешната прес-конференција во Владата.

Битиќи кој е и претседавач на Координативното тело за арбитражни постапки, нагласи дека се преземени сите правни дејствија и навремено се почнати сите процеси со цел соодветна заштита на правните интереси на државата и јавните добра. Укажа дека ненавременото преземање на правни дејствија ќе значи евентуално губење на спорови пред арбитражните судови. Токму затоа, додаде, во 2017 година е формирано Координативното тело за следење на арбитражни постапки произлезени од меѓународни договори.

Како што информира, последната постапка која е покрената деновиве е од групацијата „Амадеус и Амадеус дивелопмнт ДООЕЛ“ за случајот „Шпански скали“.

-На 18 август 2023 година од страна на групацијата е регистрирана арбитражна постапка против Република Северна Македонија според правилата и конвенцијата на Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови. Групацијата побарува надомест за прекршување на Билатералниот договор за поттикнување и заемна заштита на инвестициите кој го имаме со Владата на Република Албанија. Прелиминарните барање на тужителот се да платиме оштета за наводно претрпена загуба во износ што моментално се проценува на не помалку од 110 милиони американски долари, рече Битиќи и додаде дека групацијата требало да гради комерцијална зграда и хотел во Скопје, а барала и изградба на скалила познати како „Шпански скали“.

Нагласи дека токму проектот „Шпански скали“ е предмет на кривично гонење во земјава за вмешаните во постапките и додаде дека во овој момент тужителот има наведено само површни наоди и аргументи без докази и документација како поддршка и поткрепа на тврдењата дека Општина Центар го спречила градењето на објектот.

-Постапката е покрената по неколку години од наводно сторената повреда на договорот за која целиот процес започнал по распишаниот тендер од Министерството за транспорт и врски во 2012 и 2013 година со тогашниот министер Миле Јанакиески, прецизира Битиќи. 

Втората постапка која е покрената деновиве, посочи, е од страна на „ФЦЛ Амбиенте“, за случајот приватен партнер на депонијата Дрисла.

-На 31 јули 2023 година од страна на „ФЦЛ Амбиенте“ регистрирана е арбитражна постапка против Република Северна Македонија според правилата и конвенцијата на Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови. „ФЦЛ Амбиенте“ бара надомест од Трибуналот за прекршување според Договорот за меѓусебното поттикнување и заемна заштита на инвестициите што го имаме со Италијанската влада од 26 февруари 1997 година и меѓународните закони. Во оваа постапка износот на побарувањата не е наведен од страна на побарувачот и се вели дека ќе биде утврден во текот на постапката, рече Битиќи.

Процени дека двата нови спора ќе траат најмалку две до три години и истакна дека доброто правно застапување е важно за угледот на државата зашто добиениот спор пред меѓународните судови го потврдува владеењето на правото и дава позитивен сигнал пред инвеститорите. Смета дека треба пред државните органи да одговараат тие кои го предизвикале или придонеле да се изгуби арбитражна постапка.

-Секој кој потпишал штетен договор треба да сноси одговорност. Никој не може да се крие зад колективната одговорност, рече Битиќи во одговор на прашање.

Потенцира дека како Влада секоја арбитражна постапка кога ќе заврши ја префрлаат во Обвинителството, кое понатаму треба да покрене постапка  за барање на одговорност. вј/лв/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан