• вторник, 24 декември 2024

Протест на илјадници староседелци против бразилската Влада

Протест на илјадници староседелци против бразилската Влада

Бразилија, 26 април 2024 (МИА) - Неколку илјади староседелци маршираа до седиштето на владата во Бразилија, протестирајќи против неуспехот на владата да ги заштити нивните наследни права на земјиштето.

Домородните жители се незадоволни од плановите за изградба на железница за транспорт на жито од бразилските држави каде што се произведува до пристаништата во Амазон за извоз, пренесуваат британските медиуми. 

Домородците стравуваат дека тоа ќе ја уништи животната средина на племенските заедници во близина на реката Тапазос. Тие демонстрираа против железницата Ферогао, како и против локалните трговци со жито.

- Ферограо е возот на смртта, симбол на уништувањето на шумите. Железницата нема да превезува луѓе, како што тврдат, туку зрното на компаниите кои го финансираат овој проект, изјави Алесандра Корап Мундуруку, добитничка на наградата Голдман за екологија.

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва вчера прими група од 40 демонстранти кои го предводеа маршот до плоштадот меѓу претседателската палата Планалто и Врховниот суд.

- Морална должност е да направам се што можам за да ги намалам страдањата на домородните народи и да ги гарантирам нивните права, рече Лула.

Водачот на племето Макуши, Едињо, изјави дека на демонстрациите учествувале околу осум илјади луѓе. Главната причина за незадоволството на демонстрантите е, како што велат, неисполнувањето на ветувањата на бразилската влада за официјално признавање на автохтоните резервати кои го завршија процесот на разграничување, откако беше утврдено дека станува збор за наследно земјиште. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан