• сабота, 23 ноември 2024

Протест во водостопанската подружница „Брегалница“ – Кочани поради доцнење на платата

Протест во водостопанската подружница „Брегалница“ – Кочани поради доцнење на платата

Кочани, 19 април 2024 (МИА) – Вработени во водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани, кои се членови на синдикалната организација на АД „Водостопанство“, денеска излегоа на протест пред влезот на претпријатието поради доцнењето на платата за минатиот месец и најавите дека исплатата тешко ќе се реализира. Слични протести се одржаа и во другите десетина подружници во државата, каде вработените го имаат истиот проблем.

На протестот во Кочани беше нагласено дека успешно се исполнети работните задачи за подготовка на каналската мрежа и за почетокот на сезоната за наводнување на оризовите површини во регионот, а висока е и реализацијата на наплата на побарувањата за извршените услуги.

- Вработените од нашата подружница, заедно со вработените од останатите подружници и дирекцијата во Скопје протестираат бидејќи ни доцни платата, а за неколку дена истекува и рокот до кога ќе важи здравственото осигурување за нас и за членовите на нашите семејства. Подолг период сметката на АД „Водостопанство“ е блокирана од страна на Управата за јавни приходи, а голем дел од финансиските средства веќе се повлечени како обврска за ДДВ. Проблемот е поради ненаплатените побарувањата од комуналните претпријатија кај подружниците кои им испорачуваат вода за пиење. Добивме информација дека сопствени средства за исплата на плата не можат да се обезбедат, поради што бараме помош од Владата. Наплатата на надоместокот за вода за претходната сезона кај нас изнесува над 70 отсто, истакна Стефанка Димитрова од синдикалната организација на подружницата „Брегалница“.

Протестот траеше околу половина час, по што вработените во подружницата продолжија со работните обврски. та/дма/

 

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан