• петок, 30 јануари 2026

Протест во Брисел поради „600 дена без Влада“

Протест во Брисел поради „600 дена без Влада“

Брисел, 30 јануари 2026 (МИА) – Во организација на граѓанските здруженија „Почитувајте го Брисел“ и „Ние сме Брисел“ вечерва во Брисел ќе се одржи протестен собир насловен „600 дена без Влада“ на кој ќе се изрази незадоволство од неможноста на регионалните политичари да постигнат договор за формирање нова Влада на Бриселскиот Регион по изборите во јуни 2024.

Протестот се одржува на денот кога се навршуваат 600 дена од изборите.

Најавата за овој седми протест на оваа тема во последниве месеци уследи откако досегашниот посредник во напорите за формирање Влада, Иван Веругстрат во вторникот го врати мандатот, со што пропаднаа надежите дека Брисел наскоро би можел да добие регионален Кабинет.

- Шесто дена без бриселска Влада, значи 600 дена без владин претседател кој би се залагал за нашите интереси, изјави претставник на организаторите на протестот Ерик Вандезанд.

Според него, отсуството на политичка Влада оневозможува да се решат тековните прашања поврзани со азилот и миграција, чии „последици сериозно влијаат врз Брисел“.

- Федералната влада одлучи да ги концентрира последиците од својата несоодветна политика за азил и миграција во Брисел. Резултатот од тоа е 10.000 бездомници и 100.000 илегални имигранти. Кој конечно ќе стави крај на оваа небрежност на Федералната влада кон Брисел?, изјави Вандезанд.

Организаторите алармираат дека ваквата состојба ги става под притисок и основните социјални услуги, што ја поткопува довербата во бриселската економија и доведува до одлагање на реализација на јавни проекти и загуба на работни места.

Тие посочуваат и на проблеми поврзани со безбедноста, домувањето, здравствената заштита, благосостојбата, сиромаштијата и инвестициите во мобилноста и јавениот простор. сп/јт/

Фото: Парламент на Брисел

 

Остани поврзан