• сабота, 28 декември 2024

Протест на грчките камионџии на граничниот премин Евзони

Протест на грчките камионџии на граничниот премин Евзони

Атина, 5 март 2021 (МИА) – Воведување временско ограничување за влез на камиони од Евзони, меѓу 7 и 19 часот, како и целосниот недостиг на организација во процесот на спроведување на брзите тестови од екипите на Националната организација за јавно здравје на Грција, на сите што влегуваат во земјата, предизвика „хаос“ и огромни доцнења, а редиците на камиони кои чекаат достигнува и до десет километри, велат од Федерацијата на грчките камионџии, во соопштението во кое ги повикуваат транспортерите на протест на граничниот премин Евзони, закажан за 7 часот утрово по локално време, јави дописничката на МИА од Атина.

Во меѓувреме, на граничниот премин Богородица прес-конференција одржаа претставници на СИЗ Македонија Сообраќај АМЕРИТ и грчката асоцијација на транспортери ОФАЕ, за проблемите со кои се соочуваат транспортерите поради воведените мерки на грчката Влада. Генералниот секретар на АМЕРИТ, Лефтер Андонов, рече дека во изминатата недела имале многу контакти со најголемата грчка асоцијација во транспорт ОФАЕ, со цел да се деблокира транспортот поради воведувањето на заштитните мерки од грчката влада. Истакна и дека имаат испратено и писма до Европската комисија како и до грчкото МНР.

Претседателот на ОФАЕ Апостолос Кенанидис рече дека речиси илјада камиони дневно поминуваат на овој граничен премин и оти со оваа нова мерка, донесена од грчката Влада се попречува целиот товарен сообраќај кој започнува од Северна Македонија или од Србија. 

-Со досегашните активности, како и со денешниот симболиочен протест, сакаме да постигнеме Владата да одлучи да ги тргне овие рестрикции за транспортерите, за да се овозможи непречен, нормален, колку што е можен нормален проток на стоки, рече Кенанидис. Истакна оти тие не се против тестирањата на границата, туку сметаат оти треба персоналот што го врши тестирањето да биде во поголем број, со цел да не се прави застој на границата.

-Со овој симболичен протест сакаме да покажеме дека не се согласуваме со владините одлуки како што не се согласуваат и асоцијациите, здруженијата од другите земји, бидејќи оваа блокада на сите ни пречи, рече Кенакидис.

Додаде оти целта на ОФАЕ, заедно во соработка со грчките комори, здруженија, шпедитери, но и асоцијации како што е АМЕРИТ од Северна Македонија и од соседните земји, да се заземе заеднички став со цел да се тргнат овие рестриктивни мерки.

Транспортерите, кои уште во понеделникот најавија дека ако не се исполнат нивните барања, подготвени се да се мобилизираат и да го блокираат граничниот премин од грчка страна, истакнуваат дека ситуацијата на „една од главните копнени порти за влез во земјата веќе четири дена е исклучително тешка“ и се создадени големи проблеми во протокот на стоки и во грчкиот извоз.

-Возилата што пренесуваат медицинска опрема, лесно расиплива, како и секаков вид на стока, се принудени да чекаат и до 12 часа за да влезат во Грција, поради неможноста на државата да преземе соодветни мерки за ограничување на ширењето на коронавирусот без да се спречува нормалното функционирање на синџирот на снабдување, велат од Федерацијата во соопштението за денешниот протест.

Како што веќе објави МИА, грчките камионџии реагираат а новите мерки за копнените граници воведени во понеделникот, преку писмо до Министерството за транспорт и врски и Министерството за развој на Грција, бараат граничните Евзони и Какавиа, за транспортерите, да бидат отворени 24 часа и да има дополнителен персонал од Националната организација за јавно здравје кои ги вршат брзите тестови, за да се забрза целата процедура. ср/нд/

Остани поврзан